На 22 мај 2025 година, во Лондон, вицепремиерот Александар Николоски, во име на Владата на Република Северна Македонија, го потпиша Договорот Влада со Влада за политичка и економска соработка со Обединетото Кралство. Договорот предвидува финансиска поддршка до 6 милијарди евра за реализација на капитални проекти во земјата.
Николоски, кој воено е и министер за транспорт, изјави дека е почестен што заедно со министерот за животна средина Изет Меџити и министерката за образование Весна Јаневска биле во историската „Черчилова соба“ во британското Министерство за трговија и бизнис.
„Сметам дека тоа е навистина силен знак и сигнал за нашето партнерство, привилегија е да се биде токму во оваа просторија и да се потпише меѓувладиниот договор токму во оваа просторија“, рече Николоски.
Според изјавите на Николоски, средствата ќе бидат наменети за проекти во транспортот, образованието, здравството, животната средина и информатичката технологија. Меѓу првите иницијативи се споменуваат брзата железница на Коридорот 10, модернизација на болниците и изградба на Медицински факултет.
Николски претходно објави дека зборувал за деталите на договорот со претставници на Инструментот за поддршка на надворешното финансирање на Обединетото Кралство – УКЕФ. Сепак, како што рече официјалните разговори за начинот на финансирање и реализација на проектите ќе започнат отткако договорот ќе биде ратификуван во македонското Собрание.
Опозициската партија СДСМ изрази загриженост дека договорот претставува ново задолжување кое ќе го зголеми јавниот долг на земјата. Тие истакнаа дека Владата не обезбедила доволно транспарентност во врска со условите на заемот и потенцијалните обврски кои произлегуваат од него.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, претходно најави дека од шесте милијарди евра, во првите пет години ќе се повлечат 2,2 милијарди евра или околу една третина од парите и тие ќе бидат потрошени за изградба на пругата од Коридорот 10.
„Две милијарди на пет години се по 400 милиони евра. Толку е годишното зголемување на јавниот долг по однос на овие инвестиции кои, од друга страна, ќе придонесат за раст на економијата“, рече Димитриеска-Кочоска. Таа додаде оти парите нема да се повлекуваат авансно туку откако ќе се завршат работите на терен.
Сепак, лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче во своите изјави нагласи дека иако неговата партија го поддржува стратешкиот договор со Велика Британија, начинот на кој се обезбедуваат средствата за најавените проекти е „непатриотски“ и го блокира евроинтегративниот пат на државата. Според него, наместо заеми треба да се бараат неповратни грантови за инфраструктурни проекти од Европската унија.