Македонија остана без ИПА средствата предвидени за изградбата на третата делница од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија, откако во предвидениот рок не беше склучен договор за градба.

За да продолжи реализацијата на проектот, Владата до Собранието достави измени на законите за заемите од ЕБОР и ЕИБ, со кои не се бара ново задолжување, туку се менува начинот на неговото спроведување.

Во образложението на двата предлог-закона се наведува дека тендерот распишан во 2024 година бил поништен бидејќи во предвидениот рок не бил склучен договор за изградба.

Поради тоа, ИПА средствата обезбедени за проектот повеќе не се достапни, а Секторот за централно финансирање и склучување договори при Министерството за финансии ја губи надлежноста за негово спроведување.

Со законските измени не се менуваат заемите од по 175 милиони евра од ЕБОР и ЕИБ. Наместо тоа, се создава правна основа проектот да продолжи со нова финансиска и имплементациска структура.

„Со оглед на фактот дека во предвидениот рок не беше склучен договор за градба, ИПА алоцираните средства за овој проект повеќе не се достапни, па оттука и Секторот за централно финансирање и склучување на договори во Министерството за финансии нема повеќе надлежност за спроведување. Имајќи го предвид горенаведеното, се јави потреба за промена на финансиската и имплементационата структура на проектот, т.е. промена на надлежната институција која ќе биде одговорна за спроведување на тендерската постапка за градба“, се посочува во законското решение испратено во Собранието.

Новиот тендер нема да ја опфати изградбата на прекуграничниот тунел со Бугарија, туку само железничката делница од Крива Паланка до западниот портал на тунелот.

Владата воедно презема обврска средствата до 52 милиони евра за електрификацијата на трите делници и сигнално-телекомуникациските системи за третата делница да ги обезбеди од државниот буџет, но не пред 2032 година и во повеќе буџетски години.

Доколку Европската Унија не обезбеди грант и за македонскиот дел од прекуграничниот тунел, државата најавува дека и тие средства ќе ги обезбеди од буџетот, исто така по 2032 година.

Во предлог-законите е наведено дека измените нема да предизвикаат дополнителни фискални импликации во периодот од 2026 до 2029 година, бидејќи не станува збор за нови кредити, туку за измена на договорите и на начинот на реализација на веќе обезбеденото финансирање.

Од СДСМ обвинија дека Владата на Христијан Мицкоски ги загубила средствата од ИПА фондовите на Европската Унија за изградбата на железничката пруга кон Бугарија, бидејќи не ги испочитувала предвидените рокови. Според партијата, наместо проектот да се реализира со европски грант, државата ќе се задолжува со кредити што ќе ги враќаат граѓаните. Од СДСМ оценуваат дека со тоа се губат не само европски средства, туку и можноста проектот да се спроведува под европски стандарди за транспарентност и контрола, обвинувајќи ја Владата за неспособност и погрешни политики.