Македонија нема да ја подигне безбедноста – таа е зголемена уште од нападите во Париз

-

Македонија нема потреба да гo подигнува нивото на мерките на безбедност по терористичките напади во Брисел, бидејќи, како што неофицијално велат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи (МВР), тие се на повисоко ниво уште по нападите во Париз од 13 ноември минатата година и таквата состојба е сè уште на сила.

Од МВР велат дека засега нема да излегуваат со посебно соопштение, известување или изјава околу тоа дали се преземаат некакви дополнителни безбедносни мерки по нападите во Брисел.

Ден по нападите во Париз, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одржа колегиум со раководството на МВР, на кој беше донесена одлука за зајакнување на безбедноста во и околу објектите на полицијата, зајакнување на мерките и на активностите при обезбедување на јавни собири и на спортски манифестации на кои има присуство на поголем број граѓани, зајакнување на контролата над мигрантите кои тогаш транзитираа низ земјава, особено на јужната и на северната граница, во согласност со одлуката за воведување кризна состојба поради мигрантската криза.

Покрај ова беа преземени дополнителни мерки и активности за обезбедување на личности и на витални објекти што ги обезбедува МВР.

Истиот ден беше одржан и состанок на Советот за безбедност кај претседателот Ѓорге Иванов.

Засега од кабинетот на Иванов нема известување дали ќе биде свикан Советот за безбедност по денешните терористички напади во Брисел.

Митева: Воспоставена е комуникацијата со ИТ компаниите за ваучери од 250 евра за секој студент

Од страна на Владата е почната комуникација со компаниите во делокругот на информатичката технологија кои до крајот на оваа година треба да финализираат и истите да резултираат со утврдување...