Владата на Република Македонија целосно не ги исполнува минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но се прават значителни напори за тоа да се постигне, се наведува во годинешниот извештај за трговијата со луѓе што го подготвува американскиот Стејт департмент.
„Во споредба со периодот од претходниот извештај, Владата демонстрирала зголемени напори поради што останува на второто ниво“, стои во извештајот и се наведува дека властите направиле чекор со подготвување и со усвојување на национална стратегија, национален акциски план, назначувајќи национален известувач и национален координатор за трговија со луѓе.
И покрај овие напори, во извештајот се забележува дека Владата на ги исполнила минималните стандарди во неколку области. Нотирано е дека во изминатиот период, во споредба со претходните години, многу помалку криумчари се обвинети и се осудени, не се доделени грантови на невладини организации за борба со трговијата на луѓе, а прекинато е и партнерството со невладините што обезбедуваат поддршка на владините згрижувачки центри.
„Шверцерите со луѓе често ги поткупуваат полицијата и инспекторите за труд. Имало истраги и казни за полицајци кои биле соучесници во трговијата со луѓе“, се наведува во извештајот.
Во извештајот се препорачува македонските власти детално да ги истражат, кривично да ги гонат и да ги казнат шверцерите, како и соучесниците од власта, и да се воведат казни соодветни за да се намали трговијата со луѓе.
„Да се спроведат напредни обуки за судиите, обвинителите и за полицијата за истраги и за кривични постапки за трговија со луѓе, да се одвојат зголемени средства за заштита на жртвите, да се обучат полицајците, инспекторите за труд, дипломатскиот персонал и други државни службеници за проактивна идентификација на жртвите, особено меѓу децата питачи, нелегалните мигранти, бегалците и барателите на азил“, стои во извештајот, во кој Македонија е посочена како земја која е извор, транзит и дестинација за мажи, жени и деца кои се жртви на трговија со бели робје, односно се принудени на принудна работа и на проституција.