Српскиот портал „Телеграф“ неодамна (15.07.2019) објави текст со погрешен наслов: „Заев ѝ упати протесна нота на Бугарија: Ние не сме Северни Македонци“.
Станува збор за напис кој се повикува на македонскиот портал „Фактор“ и во содржинскиот дел точно ја пренесува изјавата на премиерот Зоран Заев, во која тој фактички најавува дека ќе испрати протесна нота до Софија, поради тоа што бугарскиот премиер, Бојко Борисов на маргините на Самитот во Сараево го нарече претседателот Стево Пендаровски „северномакедонски“. Имено, Заев пред две недели (10.07.2019) одговарајќи на новинарско прашање, навистина кажа:
Секако, ќе реагираме за тоа. Ќе испратиме нота да се исправат грешките. Некогаш дури и дома кај нас правиме такви грешки, дури и од стручни експерти. Ние сме Македонци кои живееме во Северна Македонија.
Тоа се гледа и на видеото што го прикажа порталот „Пресинг“.
Но, како што може да се забележи, македонскиот премиер најавува, односно зборува во идно време, велејќи „ќе реагираме, ќе испратиме“. И, за волја на вистината, неговата изјава во текстот на „Телеграф“ е коректно пренесена, наведен е и изворот („Фактор“). Проблемот е што написот има неточен наслов – првиот дел од насловната конструкција во кој се тврди дека Заев веќе ја остварил споменатата најава („Заев ѝ упати протесна нота на Бугарија…“ )
Да споменеме и тоа дека иако беше најавено, сепак немаше протесна нота до Бугарија. Неколку дена откако ја соопшти намерата Заев ретерираше од неговиот првичен став и соопшти дека нема потреба да се реагира со протесна нота на изјавите на Борисов:
-За вакво прашање не се испраќа протесна нота, оти протесната нота е приличен чин на непријателство, со пријатели се разговара. Знаеле тие некогаш невнимателно да употребат зборови, но се разговара. Затоа не е испратена протесна нота – рече Заев.