Македонија ќе го зајакне партнерството со УНОПС за справување со историските “жешки” точки

Земјава сака да ја интензивира и прошири соработката со Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги (УНОПС) за решавањето на проблемите со индустриските жешки точки. За ова се разговарало на работната средба на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини со вршителот на должност извршен директор на Канцеларијата на Обединети Нации за проектни услуги (УНОПС), Јенс Вандел, која се одржа за време на климатскиот самит COP 27 во Египет.

Министерот Нуредини се заблагодарил за досегашната соработка на УНОПС во спроведување на чистењето на линданот од малата депонија во ОХИС и упатил барање активностите да се прошират и на други подрачја од ризик по човековото здравје и животната средина, преку преглед и надополнување на постоечката документација и изработка на изведбени проекти, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

„Взаемно беше потврдено дека УНОПС може да помогне и во имплементацијата на други проекти од интерес на министерството и државата преку користење на нивните единици за набавки и управување со проектен циклус“, се наведува во соопштението на МЖСПП.

Инаку, листата на 16 жешки еколошки точки во земјава беше дефинирана уште во 2005 година. Освен чистењето на линданот од малата депонија во ОХИС, засега не се изнајдени финансиски средства или ресурси за справување со опасностите за загадување на водите, почвата и воздухот на другите локации низ земјава.

Во 2005 година, кога биле дефинирани жешките точки преку „Специјалната студија за загадени индустриски подрачја“, пресметките за ремедијација на сите контаминирани подрачја во земјава изнесувале приближно 77 милиони евра. Сепак, пресметките од денешна перспектива говорат дека само за чистењето на арсенот од Лојане и Табановце, шестовалентниот хром во Јегуновце и сите депонии на линдан во ОХИС, ќе бидат потребни исто толку средства колку што биле предвидени во 2005 година за сите жешки еколошки точки.

Чистењето на жешките еколошки точки чини десетици милиони евра, мора да се најде економски одржлив модел

Ова практично значи дека колку повеќе време изминува и не се работи на терен, толку решавањето на овие контаминирани подрачја ќе чини драматично повеќе средства во иднина за чистењето на жешките еколошки точки.

Мета.мк веќе подолг период наназад пишува за жешките еколошки точки во земјава и за опасностите кои произлегуваат од нерешавањето на проблемот со нивното чистење.

Сè додека не се исчистат сите четири депонии, линданот од ОХИС ќе му се заканува на Скопје

Освен за линданот во ОХИС кој се наоѓа на четири депонии во Скопје, Мета.мк пишуваше и за проблемот со шестовалентниот хром од индустриската депонија настаната од работењето на „Југохром“ во Јегуновце. Оваа канцерогена материја е особено опасна за загадувањето на подземните и површинските води во овој дел од Полошкиот регион, а на депонијата кај Јегуновце забележавме дека шестовалентниот хром се влива директно во реката Вардар.

Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]

Мета.мк и Порталб.мк пишуваа и за кумановските села Табановце, Лојане и Ваксинце, кои со децении наназад се трујат со арсен и други опасни материи што се расфрлани на две локации – јаловиштето на поранешниот рудник „Лојане“ и депонијата кај железничката станица во Табановце.

И Велес има две жешки еколошки точки – депонијата со згура лоцирана до велешката топилница, за која е избран концесионер којшто бавно ја експлоатира оваа отпадна материја и депонијата со отпаден гипс во близина на селото Згрополци која настанала како резултат на работењето на Хемиската индустрија „Велес“.

Депонијата со згура од Топилница и понатаму го демне Велес [фото]

Депонијата со гипс кај велешкото село Згрополци заборавена од надлежните, иако е жешка еколошка точка [фото]