Зајакнување на еколошките капацитети и унапредување на управувањето со природните ресурси во прекуграничниот Преспански регион, преку едукација, истражување, заштита и комуникација се целите кои ќе треба да се постигнат во следните четири години за заштита на едно од најуникатните подрачја во земјава. Проектот кој е финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“, ќе го реализира Македонското еколошко друштво и ќе треба да ја мотивира поширока јавност да се вклучи во нејзината заштита.
Од оваа организација велат дека институциите кои управуваат со заштитените подрачја ќе добијат зајакнати капацитети за истражување и мониторинг на приоритетни видови и живеалишта, како предуслов за следственото спроведување на конкретни мерки и планови за заштита на екосистемите.
„Инспирирани од децениското локално искуство во Преспа поврзано со истражувањето на природните екосистеми, подигнувањето на свеста, напорите за едукација, воспоставената соработка со заштитените подрачја, Општина Ресен и нашите партнери во заштитата на прекуграничниот преспански регион, Македонското еколошко друштво ќе ги искористи своето искуство и експертиза и ќе ги сподели и пренесе на нашите партнери со цел постигнување на предвидените резултати. Јакнењето на капацитетите на заштитените подрачја за да можат да ги исполнуваат предвидените мерки во плановите за управување, како и едукацијата на најмладите и подготовката на нови млади лидери кои би се залагале за зачувување на регионот, е особено важно за обезбедувањето одржлива иднина за ова подрачје“, вели Робертина Брајаноска, извршна директорка на Македонско еколошко друштво.
Заедно со Македонското еколошко друштво, партнери во реализацијата на проектните активности се Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа од Грција (SPP) и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA).