Мапата е преземена од rsf.org/en/ranking

Северна Македонија се наоѓа на 90-тото место на Индексот за слобода на медиуми за 2021 година на Репортери без граници. Земјава во споредба со лани напредуваше за две места погоре на рангирањето. Во споредба, пак, со 2014 година, кога е најшата најлоша позиција во историјата, сме напреднале за 43 позиции. И покрај ова, според слободата на медиумите се наоѓаме во неславно друштво со Молдавија (89-то место), Србија (93-то место) и Унгарија (92-ро место). Најлошо рангирани на Балканот се Црна Гора на 104-та позиција и Бугарија на 112-та позиција, која е единствена земја-членка од ЕУ што е рангирана како неслободна.

Од земјите во регионот, подобро рангирани од Македонија се Албанија на 83-то место, Косово на 78-мо место, Грција на 70-то место, Босна и Херцеговина на 58-мо место и Хрватска на 56-то место.

„2020 година беше вонредна година за Северна Македонија. Парламентот беше распуштен, привремената влада ја презеде власта, а потоа предвремените парламентарни избори мораа да бидат одложени заради пандемијата Ковид-19 и вонредната состојба. Ситуацијата во медиумите се влоши, високи владини претставници продолжија да се закануваат и да ги навредуваат медиумите, додека сајбер малтретирањето и вербалните напади врз новинарите се зголемија на социјалните мрежи. Сето ова служеше за зајакнување на добро вкоренетата култура на неказнивост. Во исто време, пандемијата го усложни известувањето“, наведуваат од Репортери без граници за слободата на медиумите во земјава.

Во образложението за земјава, Репортери без граници потсетуваат дека организациите кои ги застапуваат медиумите остро се спротивставија на различните предложени измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои би овозможиле повторно државно рекламирање во медиумите. Воедно, во извештајот за земјава се споменува и Министерството за правда, кое подготвува нов кривичен законик што треба да ја направи работата на новинарите и медиумските работници побезбедна.

Македонија беше најлошо рангирана на Индексот за слобода на медиумите во 2014 година, кога се најде дури на 123-тото место. Подобрувањето на медиумските слободи во земјава започна во 2017 година, а од 2016 година до денеска земјава се искачи за 26 места на листата на Репортери без граници.