fbpx

Македонија ги слави двата Илиндена

-

Република Македонија денеска (2 август) ги слави двата најзначајни историски датума, одбележувајќи 112 години од почетокот на Илинденското востание во 1903 година и од Првото заседание на АСНОМ, во 1944 година.

Централната манифестација за одбележување на празникот ќе се одржи во Крушево на Мечкин Камен, каде е предвидено полагање свежо цвеќе на споменикот на бранителите на Крушевската Република и обраќање на претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ќе одржи говор на свеченоста во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановско Пелинце, а премиерот Никола Груевски ќе присуствува и ќе се обрати на одбележувањето на празникот во Скопје, пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседател на Презедиумот на АСНОМ.

Свои делегации, за одбележеување на празникот ќе има и опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија. Како што е предвидено, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ќе присуствува во Пелинце, делагација предводена од заменик-претседателката на партијата, Радмила Шекеринска, ќе биде во Крушево, а на чело на делегацијата во Скопје, ќе биде потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.

Илинденското востание почнало на 2 август, кога на полноќ, околу 800 востаници го ослободиле градот од османлиската војска, а по два дена е прогласена Крушевската Република, првата република на Балканот. За нејзин претседател бил назначен Никола Карев. Крушевската Република траела 10 дена.

Четириесет и една година подоцна, на 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчински“ е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ). Заседанието го отворил најстариот делегат, Панко Брашнаров. На заседанието бил избран Презедиумот на АСНОМ, а за негов претседател Методија Андонов-Ченто.

На Првото заседание се донесени документи од огромно историско значење за Македонија, а воедно била потврдена положбата на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на Демократска федеративна Југославија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...