Северна Македонија низ годините речиси целосно ги игнорираше сите препораки на ОБСЕ-ОДИХР за измените во Изборниот законик. Со последните измени во март 2024 година, овој закон обележа регрес и и покрај меѓународните предупредувања им го отежна кандидирањето на независните листи.
Горјан Јовановски од независната листа „Зелен Хуман Град“ се надева дека Уставниот суд ќе го укине законот бидејќи земјата е на праг на локалните избори. Од Уставниот суд потврдија за Порталб дека расправата на која се очекува да се донесе одлука за оваа прашање ќе се одржи на 30 април, пишува Порталб.мк.
На 23 септември 2024 година ОБСЕ-ОДИХР објави вкупно 25 препораки за измени во Изборниот законик. Порталб анализираше колку од нив се спроведени.
Само една од десетиците препораки е целосно спроведена, една препорака делумно, а кај една е регистриран регрес.
Со измените во март 2024 година, целосно спроведено е само барањето за продолжување на роковите за пријавување и одлучување по изборните приговори и жалби, и тоа од 24 часа на 48 часа.
Делумно исполнет е условот за обука и едукација на гласачите, бидејќи ДИК создаде неколку онлајн курсеви за ова, но сè уште не е создаден центар за континуирана едукација, како што е пропишано со закон.
Регрес има кај член 61 и 62 од Изборниот законик, кои драстично го зголемија бројот на потписи потребни за независните листи, што се коси со 13-тата препорака на ОБСЕ- ОДИХР.
„За понатамошно промовирање на плурализмот во регистрацијата на кандидатите, изборното законодавство треба да се ревидира за да се обезбеди можност за независните кандидатури“, се наведува во препораката на ОБСЕ.
Препораките што влијаат на финансирањето на политичките партии, кандидатите и медиумите се целосно игнорирани, а најголемите корисници и понатаму ќе бидат главните политички партии. Потсетуваме дека отворените листи се исто така долгогодишно барање, но досега ниту една од политичките партии не презела иницијатива за да го предложи ова.
Полесно е да формираш политичка партија отколку да се кандидираш како независен кандидат
Горјан Јовановски пред четири години откако собра 1.000 потписи успеа да се кандидира за советник во Градот Скопјe.
За повторно да се кандидира во октомври 2025 година поради новите измени тој ќе треба да собере 1 процент од потписите од вкупниот број регистрирани гласачи во подрачјето каде што се кандидира.
Јовановски за Порталб.мк вели дека на тој начин законот им оневозможил кандидирање на независните листи, бидејќи од нив се бара да соберат повеќе потписи од бројот на гласови потребни за да бидат избрани за советник.
„Не само што се зголемува бројот на потребни потписи, особено во Скопје каде што од 1.000 се зголеми на 4.500 потписи и покрај фактот што предлозите што беа дадени од ОБСЕ-ОДИХР според кои ниту една измена на изборниот законик не треба на кој било начин да го попречи демократското учество на изборите на кој било кандидат, а ова практично го оневозможува учеството на независните листи, а од нас се бара да собереме многу повеќе потписи отколку што се потребни за формирање на една политичка партија“, вели Горјан Јовановски, општински советник во Градот Скопје.
Тој, заедно со неколку други независни иницијативи, надеж гледаат во Уставниот суд.
„Ако сакаме да бидеме демократска држава и да имаме директна демократија каде што граѓаните ќе бидат вклучени без да мора да поминуваат низ партиска хиерархија, Уставниот суд дефинитивно мора да го укине овој закон, за да не се применува на следните локални избори“, рече Јовановски.
Доколку ова не се случи, Јовановски вели дека ќе мора да се откажат од учеството на изборите, бидејќи според него, „ќе се создаде проблем што ќе спречи голем број независни листи да учествуваат на изборите и само традиционалните партии ќе се вратат во локалната самоуправа, нешто што се покажа како деструктивно иако независните листи имаат извонредно влијание во претставувањето на граѓаните“.
Ако како симулација го земеме бројот на регистрирани гласачи во градот Скопје на локалните избори во 2021 година (467.373), тоа значи дека за да учествуваат на локалните избори независните кандидати за советници или градоначалници во главниот град мора да соберат најмалку 4.673 потписи од граѓаните, наместо 1.000 како што беше пред измените.
На 30 април се очекува Уставниот суд да ја донесе конечната одлука за (не)укинување на овие законски измени. Од Уставниот суд за Порталб потврдија дека расправата кога се очекува да се одлучи дали да се укинат или не измените на Изборниот законик оспорени од независните листи ќе се одржи на 30 април оваа година, и дека расправата и гласањето ќе бидат отворени за јавноста.
Потсетуваме дека во февруари 2025 година, Уставниот суд со мнозинство гласови, донесе одлука и покрена постапка за оценување на уставноста на членовите 17 и 18 од измените на Изборниот законик, со кои се зголеми прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи кои планираат да учествуваат на изборите. Во тоа време претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, изјави дека судот се сомнева во уставноста на овие измени, бидејќи тие ги прекршиле фундаменталните вредности како што се владеењето на правото и политичкиот плурализам, како и принципот на еднаквост на граѓаните.
Потсетуваме дека локалните избори се закажани за октомври 2025 година. На последните локални избори голем дел од независните иницијативи успеаја да ја обезбедат поддршката од граѓаните, со што обезбедија места во општинските совети.