Во Македонија повеќе региони се соочуваат со сериозни проблеми со свлечишта, што е значителен ризик за инфраструктурата и безбедноста на локалното население. Активни свлечишта најчесто има во Кичево-Охрид, Делчево, Крива Паланка, с. Страцин на патот Куманово-Крива Паланка, Пехчево, Кавадарци, Кратово. Надлежните мора да преземат мерки, бидејќи сериозни се ризиците кои се закануваат од поплави и свлечишта.
На ова, во интервју за Мета.мк предупредува младата истражувачка м-р Бојана Алексова, која магистрирала на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ, а во моментов е докторантка по геонауки на Факултетот за науки при Универзитетот во Нови Сад, Србија. Алексова е истражувачка во Научно-професионалното друштво за управување со ризици од катастрофи во Белград, а исто така е и секретар на Меѓународниот институт за истражување на катастрофи со седиште во Белград.
За Мета.мк таа зборува за „жешките точки“ во државата, за ризиците од природни непогоди кои му се закануваат на главниот град, како и за мерките кои треба да се преземат за да се спречат големи катастрофи.
Со оглед на тоа дека истражувате на тема геонепогоди, што би се случувало во нашиот регион со климатските промени, колку сме загрозени?
Алексова: Климатските промени се неспорен факт и сѐ повеќе се чувствуваат низ светот. Во последните децении, многу се дискутира за тоа дали климатските промени се забрзани и каков е нивниот ефект. Меѓутоа, поголемиот дел од истражувањата покажуваат дека климатските промени се предизвикани од човечките активности, како што се зголеменото испуштање на стакленички гасови и промените во користењето на земјиштето. Во последните 30 години, глобалната температура пораснала за 0,5°C, што природно, би траело со векови. Во Македонија, климатските промени веќе се чувствуваат, посебно со зголемените летни температури, промени во интензитетот на врнежите и зачестеноста на екстремните временски настани. Регионите на Средоземно море, вклучувајќи ја Македонија, се наоѓаат во една од најпогодените области од климатските промени. Прогнозите за идните години предвидуваат зголемување на температурата, што ќе има сериозни последици по животната средина, водните ресурси и земјоделството. Затоа, потребно е преземање итни мерки за адаптација и заштита од климатските промени. Во тој поглед, климатските промени ја зголемуваат ранливоста на Македонија кон природни непогоди, вклучувајќи поплави, суши, претерана ерозија, свлечишта и пожари. Интензивните врнежи и топлотните бранови придонесуваат за чести поплави, силна ерозија и свлечишта, особено во ридските и урбаните подрачја. Сушите и зголемениот ризик од пожари влијаат врз земјоделството, шумите и водните ресурси. За справување со овие закани, неопходни се адаптациски мерки како управување со водните ресурси, заштита на шумите и системи за рано предупредување.
Кој и на кој начин треба да се справува со ваквите закани?
Алексова: Улогата за преземање мерки за заштита и превенција од природни непогоди пред сè припаѓа на општините, кои треба да поседуваат соодветно разработен план или стратегија за справување со природни непогоди. Во рамките на тие стратегии, општините би требало да ангажираат експерти од областа кои би развиле ГИС модел за идентификација на најризичните подрачја. Со тоа, ќе се овозможи навремена интервенција и ќе се избегне изградба на објекти во зони со висок ризик од свлечишта, поплави или ерозивни процеси. Тука спаѓаат мерки како што се чистење и проширување на речните корита во области со ризик од поројни поплави, редовно чистење на канализациските системи, поставување на потпорни ѕидови за заштита од свлечишта и пошумување на подрачја под ризик од ерозија. Покрај општинските власти, значајна улога имаат и Министерството за животна средина и Центарот за управување со кризи, кои со својата поддршка и координација може да придонесуваат за поефикасно спроведување на овие мерки, како и за долгорочно планирање во насока на одржлива заштита од природни непогоди. Со оглед на зачестеноста на природни непогоди во поширокиот регион на југоисточна Европа, вклучително и Македонија, оправдано е да се разгледа можноста за формирање на Институт за природни непогоди и управување со ризици (како што има во сите наши соседни држави, да не збориме за западна Европа), кој не само што би обезбедувал стручен кадар, туку и би придонел за општествениот развој и безбедност.
Во кои делови од државата какви непогоди може да се случат?
Алексова: Најпрво, ќе се осврнам за свлечиштата, поради тоа што неодамна, во реномирано научно списание беше објавен наш научен труд, каде разработувавме ризични подрачја од свлечишта во Македонија. Трудот го препознаа врвни меѓународни експерти, па се надеваме ќе биде препознаен и од нашите власти, општини и организации, поради неговата голема практичност. Во Македонија, приближно 29,3% од територијата е изложена на висок и многу висок ризик од појава на свлечишта. Овие подрачја се претежно лоцирани на ридести терени, планински подножја, стрмни долински страни, клисури и падини во централниот, источниот и североисточниот дел од земјата, каде што доминираат неогени седименти (слабо отпорни карпи). Од друга страна, поголемите рамнини и терените составени од цврсти карпи, особено во западниот дел од земјата, покажуваат значително помала подложност на свлечишта. Иако, теренските истражувања покажуваат дека и во овие области може да се појават свлечишта, особено во близина на канали, патишта, градби и места со интензивни човечки активности. Во сплоп на ова повеќегодишно истражување регистриравме вкупно 500 свлечишта, од кои 131 се наоѓаат во области со највисок ризик. Ако се вклучат и зоните со висок ризик, тогаш 51.2% од сите свлечишта се во овие подрачја, што покажува дека нашиот модел е многу прецизен.
Во Македонија, повеќе региони се соочуваат со сериозни проблеми со свлечишта, што претставува значителен ризик за инфраструктурата и безбедноста на локалното население. Активни свлечишта најчесто има во следниве области: Кичево-Охрид, Делчево, Крива Паланка, с. Страцин на патот Куманово-Крива Паланка, Пехчево, Кавадарци, Кратово и др. Во 1956 година, во месноста Градот, во близина на Кавадарци, се случила трагична природна катастрофа кога свлечиште ја затрупало долината на реката Луда Мара, трагедија во која загинале 11 лица. Свлечиштето предизвикало големи штети и е запишано како еден од најтешките природни удари во регионот во тоа време. Во Македонија, покрај свлечиштата, и пороите претставуваат значајна природна закана. Областите со ретка вегетација придонесуваат за зголемен ризик од поплави и порои, бидејќи намалената апсорпција на вода и зголемениот транспорт на седименти го зголемуваат интензитетот на овие појави. Според методот за анализа на потенцијалот за порои (FFPI), висока ранливост опфаќа 9,2%, од територијата на Македонија. Овие фактори создаваат комплексна слика на ранливост на поројни поплави низ земјата, со најризични области во региони со слаба вегетација и стрмни терени. Според наше истражување (кое е во завршна фаза на објавување во реномирано меѓународно списание), најризичен и најранлив регион од поројни поплави е Североисточниот регион, поради стрмните наклони (повеќе од 30֯), значителната сеча на шуми и ерозивни литолошки формации како туфови, песочници, шкрилци и сл. Најслабо ранлив или со најмала веројатност од појава на поројни поплави е Југоисточниот регион, поради присуството на отпорни литолошки единици и генерално умерен терен. Но, сепак и тука не е исклучена веројатноста од појава на порои, со оглед на честите порои кои се случуваа во изминатиот период во околината на Валандовско, со излевање на речното корито на Вардар и Калковска Река поради наносниот материјал, обилните врнежи кои не може да ги „абсорбира“ реката. Ова може да се спречи со навремено проширување на речното корито, како и чистење на речните наноси.
На што се должат големите свлекувања на земјиштето, поројните дождови во последниве години?
Алексова: Тие се резултат на комбинација од стрмни терени, обесшуменост и ерозивни карпести формации (туфови, шкрилци), што доведува до зголемена ранливост на земјиштето. Овие фактори, заедно со интензивните врнежи кои се јавуваат заради нерамномерност, можат да предизвикаат сериозни поплави, оштетувања на инфраструктурата и ризик по животната средина и населението во погодените региони. Најризични региони според нашиот ГИС-базиран изработен модел се Скопско, Тетовско, Крива Паланка, Штип, Кавадарци, Кратово, Струмица, Берово, Каменица, Битола, Куманово, Кочани. Факторите се многубројни. Почнувајќи од слабо пропусни карпи, почви, стрмни наклони, слабо присутна вегетацијата оголен терен.
Кога станува збор за Скопје, овој регион е под значителен ризик од поројни поплави. Познати настани кои го потврдуваат ова се поплавата во Скопје од 1962 година и поплавата во регионот на с. Стајковци во 2016 година. Главната причина за овие настани е силната интензивност на врнежи, кои во одредени случаи достигнуваат до 93 литри на квадратен метар. Друг значаен фактор е масовното градење згради, како и обесшуменоста на Скопска Црна Гора (од каде всушност се создадоа поројните води) и планината Водно. Почвите имаат витална улога исто така. Глинестите почви побавно ја апсорбираат водата во споредба со песокливите и чакалестите почви, што придонесе за појава на поројни поплави во многу делови на Македонија. Затоа, треба да се нагласи важноста на шумите, кои претставуваат „штит“ против ерозивни наноси и интензивни врнежи. Заштитата и обновата на шумските екосистеми е клучна за намалување на ризикот од поплави во иднина. Неодамнешните поројни поплави и активирање на свлечишта во Босна и Херцговина се јасен показател за штетите што може да ги предизвикаат интензивните врнежи. Ако таков интензитет на врнежи би се случил во скопскиот регион, би имало голем ризик од поројни поплави. За намалување на овој ризик, потребно е да се преземат конкретни мерки. Најпрвин, пошумувањето на Скопска Црна Гора и Водно би ја зајакнало природната заштита од ерозија и поплави, бидејќи шумите ја апсорбираат водата и го намалуваат надојдувањето на поројните води. Исто така, потребно е редовно одржување и подобрување на одводните канали и шахти за вода, за да може ефикасно да се контролира обемот на вода при обилни врнежи. Од големо значење е едукација на јавноста за мерките на претпазливост, како одржување на чисти одводи и избегнување градби во ризични подрачја. Овие мерки – пошумување, подобра инфраструктура и едукација – се клучни за намалување на ризикот од поплави и заштита на животната средина.
Има ли начин да се заштитиме и како?
Алексова: Секако дека има. Заштитата од свлечишта и поројни поплави бара засилени мерки за управување со земјиштето, како што се забрана (или редукција на сеча на здрави стебла) на обесшумување, регулирање на градежните активности на стрмни терени и обновување на вегетацијата (пошумување) за подобра апсорпција на водата од врнежите. Се препорачува изградба на системи за одводнување и подобрување на раните системи за предупредување, со цел населението да биде навремено информирано и заштитено од овие непогоди. Зголемениот интензитет на екстремни врнежи во Македонија е резултат на климатските промени, кои се пресликуваат со повисоки температури и промени во атмосферскиот циклус. Овие фактори водат до поголемо испарување на водата, што создава повлажни воздушни маси, а тие потоа предизвикуваат обилни врнежи. Глобалните климатски варијации ги менуваат сезонските шеми на врнежи, зголемувајќи ја фреквенцијата на интензивни дождови, особено во краток временски период, што го зголемува ризикот од поплави и свлечишта. Нераномерните врнежи во Македонија се резултат на географската разновидност и релјефот, каде повисоките терени се подложни на поголем интензитет на врнежи. Дополнително, влијанието на морето и атмосферските циркулации создаваат локализирани дождови. Климатските промени исто така ја нарушуваат распределбата на врнежите, зголемувајќи екстремни временски настани во некои региони, додека други остануваат суви.