fbpx

Македонија досега од ЕУ добила помош само по 20 денари за бегалец

-

Од 19 јуни до вчера низ Македонија минале 276.303 мигранти.

И покрај најавите од ЕУ, земјава има добиено 90.000 евра помош – или околу 20 денари по бегалец – иако сите европски функционери, и кога минувале во Скопје и од Брисел, најавувале многу повеќе. Тоа беше случајот и вчера, при посетата и средбите на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој за ова беше и директно прозван од домаќините.

Од официјалниот документ што го побаравме и го добивме од Европската унија, се гледа дека досега единствената реална, фактичка помош што Македонија ја има добиено од ЕУ за справување со бегалската криза се само 90.000 евра, пари од Фондот за справување со катастрофи на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Парите од оваа програма, како што стои во документот, се за хуманитарни потреби на околу 4.600 луѓе за период од три месеци.

Другите суми наведени во документот на ЕУ, како помош од Унијата за Македонија, се само најави за дополнителна финансиска помош која би се реализирала во иднина без конкретни временски рокови.

Така, 1,5 милион евра европска хуманитарна помош ќе бидат обезбедени за помош на бегалците и на мигрантите кои влегуваат во Македонија и се движат кон север, како и 1 милиони евра за организациите на Црвениот крст во Македонија и во Србија заедно.

Во рамките на националната ИПА-пограма за 2016 година, според документот предвидени се 12 милиони евра помош за Македонија, меѓу другото и за подобрување на инфраструктурата, опремата и за ИТ-поддршката за правилно функционирање на политиките за азил и за миграција на земјата.

Претседателот на Советот на Европската унија (ЕУ), Доналд Туск, кој вчера беше во посета на земјава, беше искаран од неговите домаќини, претседателот Ѓорге Иванов, и премиерот, Никола Груевски, дека „Македонија досега нема добиено никаква финансиска и техничка помош од ЕУ“.

– И покрај ветувањата, Македонија нема добиено никаква финансиска и техничка помош од Европската унија, во однос на мигрантската и на бегалска криза. Иако баравме од Унијата и опрема за регистрација на мигрантите и на бегалците и опрема за надзор над државната граница, не добивме ништо. Македонија ги троши сопствените буџетски средства за менаџирање на оваа криза. Само за потреби на безбедносните служби досега се потрошени повеќе од 10 милиони евра. Се соочуваме со недостиг од материјални, кадровски и технички капацитети, да одговориме на заканите и на ризиците по националната безбедност – рече Иванов, по средбата со Туск.

Туск, од друга страна, истакнал дека ЕУ е подготвена да ѝ помогне на Македонија, во многу поголем обем, но, за тоа Унијата првин треба да направи проценки колкава помош ѝ е потребна на земјава.

– Подготвени сме да обезбедиме многу повеќе откако ќе имаме проценка за вашите потреби. Ќе зборувам со земјите-членки на ЕУ за тоа што повеќе може да се направи во оваа смисла за да се осигураме дека нашата поддршка за вашата земја и за регионот ќе биде на исто ниво како предизвиците со кои се соочувате. Доколку сме сериозни и сакаме да го задржиме шенгенскиот систем и патувањето без визи, тогаш мора да бидеме и сериозни и да им помогнеме на земјите кои се на првата линија како што е вашата – рече Туск, додавајќи дека секоја земја има право и обврска да ја штити својата граница и дека главна цел на ЕУ е не само да се олесни транзитот на бегалците, туку и да се намали протекот.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...