Одборот на директори на платформата „Македонија 2025“ е длабоко загрижен поради продолжувањето на политичката криза и смета дека земјата не смее да го губи времето на политички несогласувања кои се бариера и сопирачка на економскиот развој.

Од платформата велат дека кризата му штети на процесот на намалување на невработеноста, промовирањето на извозот и на привлекувањето странски инвестиции.

– Сите политички фактори во земјата треба да се фокусираат на создавање работни места, подобрување на јавните услуги и на создавање еднакви можности за сите граѓани. Во време на големи предизвици, луѓето треба да дејствуваат смирено и да бидат воздржани од чинови кои се штетни за благосостојбата на  народот – се вели во соопштението на „Македонија 2025“.

Мисијата на „Македонија 2025“ е насочена кон економски развој на земјава, а според одборот на платформата, не може да се придонесува за доброто на Македонија кога во општеството постои поделеност помеѓу луѓето.

– „Македонија 2025“ ги повикува сите страни инволвирани во политичката криза да го стават на прво место доброто на земјата и на народот и да работат на решавање на проблемите на демократски начин, кој ќе ги гарантира стабилноста и просперитетот во земјата – порачуваат од оваа платформа.