„Македонија 2025“ и УКИМ преку фондацијата „Атанас Близнакоф“ ќе доделат 40 стипендии за талентирани студенти

„Македонија 2025“ и Фондацијата „Атанас Близнакоф“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје распишаа конкурс за доделување 40 стипендии за талентирани студенти „Атанас Близнакоф„ за учебната 2021/2022.

Стипендиите се доделуваат на редовни студенти кои ќе се запишат во прва година на прв циклус на студии на сите факултети при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои постигнале исклучителни резултати и успех во средното образование, имаат достигнувања и мотивација за личен и професионален развој, но и кои немаат доволно средства за продолжување на образованието на факултет или област од интерес.

Висината на стипендијата изнесува 120.000 денари годишно, по лице, и претставува највисок фонд за доделување на стипендии во нашата земја. Корисниците на стипендијата кои редовно и со успех ќе напредуваат во студиите можат да ја користат стипендијата сé до завршувањето на студиите од првиот циклус.

„Македонија2025“ со поддршка од компанијата Nextsense дизајнираше онлајн платформа за стипендии eScholarships, која ќе овозможи лесно и брзо пребарување и информирање за различните можности за стипендии кои ги нуди организацијата на млади таленти, средношколци и студенти, бизнис менаџери, главни извршни директори, итн. Оваа дигитална алатка ќе придонесе процесите за избор на стипендии да се транспарентни, објективни и ефикасни, со што стипендиите ќе бидат доделени на оние на кои им се најпотребни. Целта на овие програми на Македонија2025 е развивање на талентот во земјата, создавање на врвни професионалци и лидери кои ќе носат позитивни промени во општеството и економијата.

Основоположник на Фондацијата бил иселеникот Атанас Близнакоф, роден во 1901 година во костурското село Д’мбени. Во 1920 година го напуштил родниот крај и заминал во САД каде што живеел и работел до 1976, кога се вратил во Скопје и ја основал фондацијата. Близнакоф во САД бил дел од МАНС – Македонско-американски народен сојуз, активен во поддршката на Македонија, а неговата фондација е прва и најголема фондација на иселеник.

Краен рок за аплицирање на конкурсот е 15 септември 2021 година.