Со истовремено подигање на три македонски знамиња, две во Белгија и едно во САД, НАТО утре (понеделник) во своите редови свечено ќе го вброи својот триесетти сојузник. На свечената церемонија во седиштето на НАТО во Брисел во 15 часот по средноевропско време ќе присуствуваат генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседавачот на Воениот комитет на Алијансата маршал Стјуарт Пич, и в.д. шефот на македонската делегација во НАТО, Зоран Тодоров. Истовремено, македонското знаме ќе биде подигнато и пред Сојузничката команда за операции во Монс, Белгија и во Сојузничката команда во Норфолк, Вирџинија.

– Северна Македонија сега е дел од семејството на НАТО, семејство од триесет нации и речиси една милијарда луѓе. Семејство кое се темели на извесноста (сигурноста) дека, со какви предизвици и да се соочиме, сите сме посилни и побезбедни заедно, порача Столтенберг, во петокот од Брисел, во моментот кога в.д. амбасадорката на Македонија во САД, Вилма Петковска, во Стејт Департментот му го предаде „инструментот за пристапување“ (оригиналниот документ за македонска ратификација на Северноатлантскиот договор) на заменик државниот секретар за Евопа и Евроазија, Филип Рикер.

Покрај трите нови јарболи за своето знаме, Македонија од петокот доби и дваесетина места за персонал во постојаната мисија во НАТО и дваесетина места за офицери во Врховната сојузничка команда во Монс и во Сојузничката команда во Норфолк, и уште неколку низ штабовите на Алијансата. Добива и пристап до заедничкиот безбедносен и разузнавачки систем и информациите кои ги подготвува, капацитетите за сајбер-војување, агенциите за набавки и стандардизација, десетиците тела на Северноатлантската договорна организација, но и право и обврска да учествува во секоја нејзина одлука.

Со Стратегискиот концепт од 2010 година, НАТО ги дефинира своите основни задачи како колективна одбрана, управување со кризи и кооперативна безбедност. Во справување со пандемијата на корона вирусот, Македонија веќе применува дел од „алатките“ на НАТО – Системот за командување при инциденти (Next-Generation Incident Command System-NICS), што земјава го усвои минатата година за координација на сите нивоа на власт во кризни ситуации. Во моментов НИКС во Македонија се користи за координирање на активностите на институциите во борба со пандемијата на Ковид-19 и за обезбедување информации и совети во вистинско време.

Македонија влезе во НАТО кој, по руската анексија на Крим во 2014 година, наместо досегашните „асиметрични закани“ и противбунтовнички операции, го враќа фокусот на меѓудржавни конфликти, или традиционалната „тотална војна“ како во време на Студената војна. Во моментов, НАТО-иницијативата за подготвеност, или планот за брзо распоредување на сили, предвидува распоредување на 30 воздухопловни ескадрили, 30 морнарички борбени бродови и 30 баталјони копнена војска во период од 30 дена, како одговор на заканите за Алијансата.

Еден таков баталјон, поточно Лесна пешадиска баталјонска група, е придонесот што Македонија се обврзува да го даде во сојузнички операции, за кои секој сојузник одлучува дали и со колкава војска ќе учествува.

Во рамки на концептот на НАТО-одбранбени способности, Македонија се обврза да може во кој било момент да испрати 10 отсто од силите во операции на НАТО, половина од војската да биде оспособена, опремена и подготвена за учество во сојузнички операции, силите да се „интероперабилни“, односно да имаат сродно вооружување, опрема, постапки и доктрини со другите сојузнички војски и да можат да бидат „модуларни“, односно да се групираат со други сили според потребите на одредена операција.

Во краткотрајни операции до 6 месеци без ротирање на силите Армијата може да испрати здружена единица од околу 1.000 војници: една лесна пешадиска баталјонска група, една ренџерска чета, една чета воена полиција, 2 тима специјални сили и еден детачмент на транспортни хеликоптери. Во долготрајни операции, со ротација (замена) на силите, земјава може истовремено да учествува со две пешадиски чети, два тима специјални сили, вод воена полиција и инжинериски вод.

Силите за сојузнички операции се први кои ќе добијат нова опрема, која треба да ја имаат до почетокот на 2025 година. Армијата во следните 4-6 години, треба да достигне ниво од 90 отсто пополнетост со опрема и вооружување.