Македонија падна за 13 места подолу на ранг листата на Индексот за перцепција на корупција, што за 2019 година денеска го објави меѓународната „Транспаренси интернешнл“. Со 35 индексни поени, земјата се најде во групата „многу ниско“, а 106-тото место меѓу 180 земји го дели со Албанија, Алжир, Бразил, Брегот на Слоновата Коска, Египет и Монголија. Годинава Македонија има 2 поени помалку од лани.

Македонија и Албанија се најлошо рангирани во регионот. Косово и Босна и Херцеговина се на 101 место со индекс 36, Србија на 91 со индекс 39, Црна Гора на 66 место со индекс 45, Хрватска на 63 со индекс 47, Бугарија на 74 со индекс 43, а Грција на 60 со индекс 48.

Индексот рангира 180 земји и територии според нивото на перцепција на корупцијата во јавниот сектор, според експерти и бизнисмени. На скалата од еден до 100 помалиот индекс означува земја „почиста“ од корупција.

Минатата година земјата беше оценета со индекс 37 и рангирана на 93 место, заедно со Гамбија, Гијана, Косово, Монголија и Панама.

Во 2017 година Македонија имаше индекс 35, како и сега, и беше рангирана на 107 место, најниско откако постои Индексот на перцепција на корупцијата, кој се мери од 1995 година.

Како приоритети во борбата со корупцијата, „Транспаренси“ ги истакнува управувањето со конфликтите на интереси, контолата на политичкото финансирање, јакнењето на избирачкиот интегритет, регулирањето на лобирањето, зголемувањето на моќта на граѓаните, сузбивањето на привилегиран третман и зајакнувањето на надзорот и контролата.