Валери Симеонов е  политичар во Бугарија, претседател на „Национален фронт за спас на Бугарија“ (НФСБ) и претседател на националистичката коалиција „Обединети патриоти“ во бугарскиот парламент. По ставовите кон Македонија е ист или дури и поагресивен од Красимир Каракачанов. Го негира постоењето на македонската нација и сегменти на историјата на македонскиот народ.

Во изјава за бугарската приватна новинска агенција „Фокус“ во врска со вчерашната ратификација на Северно-атлантскиот договор (Договорот за НАТО) искажа невистини во однос на Македонија и македонската историја, односно за Гоце Делчев.

Но најбитната е што тој порекнува еден факт толку познат што го знаат и дечињата во забавиште – дека Македонија именувала град по Гоце Делчев.

Но да видиме што се вели во текстот на „Фокус“:

Ако всички в Македония са били убедени, че Гоце Делчев е македонски революционер, защо не кръстиха град на него. Това каза за Агенция „Фокус“ лидерът на НФСБ Валери Симеонов за ратификацията на Протокола за присъединяване на Северна Македония към НАТО…..
„Такова беше последното изказване на г-н Заев, че Гоце Делчев бил македонски революционер. Аз питам, ако това е било така и в годините всички в Македония са били убедени, че Гоце Делчев е бил македонски революционер, защо не кръстиха на Гоце Делчев някой български град. България го направи, много отдавна го е направила“, попита още Симеонов.

(Ако сите во Македонија се убедени дека Гоце Делчев е македонски револуционер, зошто не крстија град по него. Тоа го изјави за Агенцијата „Фокус“ лидерот на НФСБ, Валери Симеонов, за ратификацијата на Протоколот за приклучување на Северна Македонија кон НАТО…

„Таков беше последниот настап на г-н Заев, дека Гоце Делчев бил македонски револуционер. Јас прашувам, ако навистина било така и низ годините сите во Македонија биле убедени дека Гоце Делчев бил македонски револуционер, зошто не крстија по Гоце Делчев некој бугарски град. Бугарија го направи тоа, многу одамна го направила“, прашува Симеонов“.)

Читајќи ја претпоследната реченица од погорниот цитат, она „не крстија по Гоце Делчев некој бугарски град“ несомнено нема логика во контекстот и најверојатно станува збор за пропуст на Симеонов или превид на редакцијата, односно, најверојатно се мисли на „македонски град“. Оти, како Македонците би именувале град во друга држава?

Сеедно, таквото тврдење на Симеонов е целосно неточно (освен во делот дека Бугарија именувала град по Гоце Делчев – тоа е градот чие претходно име беше Неврокоп), бидејќи во Македонија одамна постои град што е именуван по Гоце Делчев – тоа е Делчево!

Градот ова име го носи од 27 мај 1950 година, кога во „Службен весник на Народна Република Македонија“ е објавен Указот на Народното Собрание на Народна Република Македонија донесен на 23 април, односно четири дена претходно, со кој градот Царево Село се преименува во Делчево.

 

Во однос пак на другите тврдења на Симеонов изнесени во написот, односно дека Македонија не ги прифаќала историските факти, „Мета.мк“ пишуваше неодамна.