Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со неговиот домаќин, германскиот сојузен министер за внатрешни работи, Хорст Зихофер го потпишаа билатералниот, меѓувладин, Договор за соработка во областа на борбата против криминалот, со кој што се поставуваат фундаменталните принципи за натамошно продлабочување на меѓусебната соработка во сите сфери од безбедноста.

Спасовски на средбата со министерот Зихофер во Берлин изјавил дека овој документ е од особена важност не само за државата туку и за стабилноста на целиот регион на Западен Балкан.

„Целта на овој договор е понатамошно развивање и продлабочување на билатералните односи помеѓу двете држави, во поглед на заедничките предизвици во борбата против меѓународниот криминал, меѓународниот тероризам, како и координирање на заедничките активности во справувањето со илегалната миграција. Овој договор ќе овозможи побрза размена на информации помеѓу институциите за спроведување на законот, во однос на лица вклучени во криминални дела, како и организирани групи на сторители и врските помеѓу нив, со цел спречување на постоечка суштинска закана за јавната безбедност“, информираат од МВР.

Договорот, се додава во соопштението, понатаму ќе овозможи взаемна поддршка при потерници за лица или за украдени и изгубени предмети, при спроведување на координирани полициски активности за одбивање на опасности по јавниот ред и безбедност, во борбата против нелегалната миграција, соработката во областа на заштита на сведоци, а од особено значење ќе биде и размената на искуства во областите на форензиката, превенцијата од криминал, како и во областа на применетите методи, средства и техники на криминалистиката.