Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма од страна на Димитрис Јанакакис, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Грција во Република Северна Македонија. Јанакакис од 2016 година беше шеф на Канцеларијата за врски на Грција во Скопје, а со овој чин тој станува официјален дипломатски претставник, според Преспанскиот договор.

„Изразувајќи задоволство од отворањето на ново поглавје во односите меѓу двете држави со значителен потенцијал за нивно натамошно збогатување и унапредување, претседателот Пендаровски истакна дека овој чекор се должи, пред сè, на посветеноста на двете држави кон градењето добрососедска политика заснована врз принципите на меѓусебна доверба и транспарентност“, се вели во соопштението од Кабинетот на шефот на државата.

Претседателот Пендаровски изразил очекување дека фокусот на понатамошната соработка ќе биде во унапредувањето на, веќе, добрата економска состојба.

-Во таа насока особен приоритет треба да има реализацијата на конкретните регионални проекти за подобрување на железничкото, патното и енергетското поврзување, комуникациите, туризмот, економската размена, протокот на луѓе, идеи и на сите оние области предвидени во Акцискиот план за збогатување и унапредување на економската соработка што го потпишаа премиерите на двете земји – рекол Пендаровски.

Јанакакис истакнал истакнал дека е почестен што е назначен за прв амбасадор на Република Грција во Република Северна Македонија и рекол дека, од 2016 година, откако ја вршел должноста шеф на грчката канцеларија за врски во Скопје, е потпишан Договорот од Преспа, ратификуван и стапен на сила, што доведе Грција да го поддржи пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ, нагласи Амбасадорот и додаде дека неговото целосно и навремено спроведување е од витално значење за односите меѓу двете земји.