Македонската влада на почетокот на февруари ја одобри Стратегијата за енергетски развој до 2040 година и со тоа стана првата земја од Западен Балкан која го разгледува укинувањето на користењето на јагленот пред 2030 година, соопшти невладината организација „Бенквоч“(Bankwatch).

Две сценарија од оваа Стратегија предвидуваат укинување на употребата на јаглен до 2025 година, додека третото го одложува затворањето на термоцентралата на лигнит во Битола, до 2040 година.

Конечната одлука за тоа кое сценарио ќе биде прифатено, треба да биде донесена  подоцна во текот на годинава, наведува „Бенквоч“.

Од лигнитот, како што потсетува „Бенквоч“, во последниве години се добива половината од вкупното производство на струја во Македонија, но притоа има постојани проблеми со загаденоста на воздухот. Стратегијата, исто така, планира значително зголемување на користењето на енергијата од Сонцето и од ветерот.
Така, на местото на јагленокопот во Осломеј, кој се очекува наскоро да биде затворен, се планира изградба на соларни електрани со сила од 120 мегавати.

Операторите на соларните електрани планираат да ја искористат истата инфраструктура и број на вработени кои ги има во термоцентралите, истакнува „Бенквоч“.

Македонската стратегија за енергетски развој до 2040 година е исто така првата која во регионот на Енергетската заедница ги испочитува правилата што ги наметнува подготовката на националните енергетски и климатски планови НЕКП, и е во склад на пет димензии на Енергетската Унија на ЕУ.

Инаку, документот разгледува референтно, умерено и зелено сценарио, а сите тие предвидуваат воведување на ЕУ ЕТС, EU Emissions Trading System, само што се разликува годината кога тоа ќе се случува и очекуваната емисија на ЦО2.

Катрин Гутман, директорката на кампањата во организацијата „Европа после јагленот“, (Europe Beyond Coal), рече дека владата на Македонија јасно сфатила дека е дојден крајот на употребата на јагленот и со тоа презела иницијатива за заштита на здравјето на граѓаните, економијата и климата.

„Иднината на Европа е во забрзаниот престанок на користењето на јагленот. Нејзините балкански соседи би требало да обрнат внимание, бидејќи е тоа иднината, забрзаното укинување на употребата на јаглен“, истакна таа.

Невена Смилевска, програмски координатор за клима во организацијата „Екосвест“, изјави дека Владата презеде храбар чекор давајќи му на невладиниот сектор вклучување во раните фази на подготовката на Стратегијата.

„Од пресудно значење е овој сектор сега да соработува со локалните заедници за да се испланира праведна транзиција во регионите кои зависат од јагленот, како што се Осломеј и Битола, и со тоа да се обезбеди никој да не остане заборавен“, рече Смилевска.

Давор Пехчевски, соработник за јаглен во мрежата на ЦЕЕ на „Бенквоч“ смета дека отстранувањето на јагленот е голем чекор напред, но треба да се преиспита вкупната енергетска ситуација во земјата, вклучувајќи ја и политиката за гасификација.

– Потребата да се зачува и климата и екосистемите, исто така, значи дека обновливите извори на енергија мора да бидат одржлива енергија. Ова бара повнимателен пристап кон плановите за искористување на хидроенергијата“, рече тој, додавајќи дека Стратегија носи големи можности за инвестиции во обновливи извори на енергија, но и одговорност за националните и за локалните власти.

Организацијата „Бенквоч“ има 16 групи- членки, во 14 земји во Централна и во Источна Европа, во Кавказ и во Русија. Седиштето е во Прага, Чешка, а персоналот е распореден во канцеларии низ целиот регион, како и во Брисел. Има соработка со партнерски организации од Африка, до Централна Азија, на полето на мониторинг и на заеднички проекти за промовирање на разни проблеми од значење за животната средина. Нивните експертизи имаат свое влијание врз донесувањето на крајните одлуки во ЕУ.