„Македонија 2025“ реагира дека и покрај интензивните дискусии во стручната јавност, во медиумите и во државните институции во текот на минатата недела за потребата од воведување на нови мерки, тоа сѐ уште не се случи. Во соопштението потсетуваат на предлозите кои веќе ги упатија до Владата и даваат нови предлози за донесување на итни мерки, а по примерите од земјите членки на ЕУ и на САД.

„Сметаме дека итно треба да се донесе дополнителен пакет на антикризни мерки, да се зголеми поддршката на стопанството до 1,5 отсто од БДП или за 170 милиони евра, што е 4,7 отсто од планираните буџетски приходи за годинава, да се прошири опсегот на сектори кои ќе бидат поддржани и да се направи категоризација, според загуби, по примерот на некои земји на ЕУ, а мерките да се применуваат од март и да траат најмалку 3 месеци, со можност за продолжување од три месеци, наместо сегашната важност од два месеца. Мерките треба да одговараат на потребите на бизнисите, наместо да има универзален пристап кон сите, а треба да се дизајнираат посебни пакети за подрршка на секторите кои се важни за економската иднина на земјата и кои креираат поголема вредност и поголем извоз“, стои во соопштението на „Македонија 2025“.

Се посочува и дека земјите членки на ЕУ донесоа дополнителни антикризни мерки и планираат повторно државно задолжување за да ги намалат негативните ефекти од корона вирусот. Даваат примери, дека на ниво на Еврозоната просечниот износ на ветената поддршка на компаниите е 3 отсто од БДП, а дека САД веќе одобрија поддршка на економијата од 3.600 милијарди евра, што е околу 20 отсто од БДП и околу 78 отсто од планираните буџетски расходи за 2020 година. „На прво место во ЕУ е Данска со планиран пакет за поддршка од 13 отсто од БДП, а земјата обезбедува и државни субвенции во висина од 75 отсто од платата, во период од три месеци. Следуваат Австрија и Шпанија со антикризни пакети во вредност од околу 9,5 отсто од БДП, во Германија веќе се формира нов пакет мерки, а според одредени проценки, јавниот долг со сите планирани мерки и поддршка би се зголемил, од 62 отсто од БДП во 2019 година, на 80 отсто во 2020 година“, информираат од „Македонија 2025“.