fbpx

Македонец убил пријател додека правеле „селфи“ со сачмарка во Мелбурн

-

Дваесетгодишен Македонец во Австралија го застрелал и го убил својот пријател додека позирале со сачмарка за да се сликаат, во мотел во градот Мелбурн, пренесуваат светските медиуми.

Настанот, како што пишува лондонски „Гардијан“, се случил на почетокот на март годинава, а вчера почнал судскиот процес во врска со случајот. На рочиштето, обвинетиот Македонец, Алберт Раповски, се изјаснил за виновен, а судот му го продолжил притворот до следното сослушување.

Според документите изнесени пред судот, Раповски и неколкумина негови пријатели, меѓу кои и 22-годишниот Махамд Хасан, на 5 март се собрале во соба на мотелот „Парксајд ин мотел“ каде донеле пушка – сачмарка и почнале да си играат со неа.

Хасан, наводно, му кажал на Раповски да го испразни оружјето за да не застрела некого. Според полицијата, Македонецот ја отворил пушката, а еден од неговите пријатели од неа извадил два патрони.

Раповски во еден момент ја вперил пушката во главата на Хасан додека тој се подготвувал да се слика себеси со мобилниот телефон. Македонецот го повлекол орозот и оружјето испукало директно во главата на неговиот пријател.

Раповски, според полицискиот извештај, почнал да плаче и да вреска, викајќи „Го застрелав Мо, го застрелав Мо“, а потоа побегнал од хотелот.

Телото на Хасан го открил сопственикот на мотелот. Следниот ден, како што пишува „Гардијан“, Раповски се обидел да избега во Македонија. Тој на свој пријател, кој работел како туристички агент, му рекол дека мора итно да замине во Македонија за да ја види својата баба, која, наводно, била болна.

Тој бил пресретнат од полицијата на аеродромот во Мелбурн на 6 март, каде е уапсен, а потоа и обвинет за убиство на својот пријател од средношколските денови.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...