„МакеДокс“ почнува на 19 август во Куршумли-ан со документарецот „Луѓето од гаражите“

Foto; Makedox

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 19 до 26 август во Скопје, под мотото „Што сега?“, на четири локации, во Куршумли ан, Младинскиот културен центар, Музејот на современата уметност и Музејот на РСМ.

Филмската програма на 12 издание на  „МакеДокс“ содржи над 70 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории, Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентска програма, како и програмата Етички идеи. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми се Земја во фокус, годинава тоа е Украина и Програмата за деца и младинци.

Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно и нема да има онлајн проекции. Сите програмски активности на фестивалот ќе се одвиваат според протоколите што ќе важат од 16 август  и согласно со нив нема да се одобри влез во фестивалскиот простор без доказ за вакцинираност.

Фестивалот ќе биде отворен на 19 август во Куршумли ан со документарниот филм „Луѓето од гаражите“ на режисерката Наталија Јефимкина од програмата Нови автори.

„Мото на фестивалот е „Што сега?“, бидејќи во изминативе две пандемиски години сите имавме желба за патување или барем да се помрднеме од место, но сите бевме вкоренети на едно исто место. Таквата состојба не поттикна да размислуваме околу тоа што сега да направиме и да се преиспитаме како ќе продолжиме да живееме понатаму“, истакна Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот „МакеДокс“.