Отворен е конкурс за млади лица од 13 до 19 години кои сакаат да научат за креативниот документарен филм. Учеството на филмската работилница за избраните кандидати за годинешната работилница за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“ е бесплатно, порачува организаторот „МакеДокс“, кој ќе ја реализира работилницата заедно со фестивалот „ДримОН“.
Заинтересираните треба да снимат кратко видео (најмногу пет минути, снимено со мобилен телефон или веб-камера), во кое одговараат на прашањата на кој начин бегаат од секојдневието, кое животно би сакале да бидат, како и кое е нивното прво сеќавање во животот. Треба да се даде одговор и на прашањето кога би сретнале магаре што зборува, што тоа би му кажало на кандидатот/ката, а треба и да се посочи кој документарен филм оставил најголем впечаток кај кандидатот/ката. Дополнително, треба да напоменат која приказна би сакале да ја раскажат, како и да напоменат неколку работи што им се важни или ги одликуваат како личности.
Рокот за пријавување е до 30 јуни, а може да се направи со испраќање на видеото преку WeTransfer на [email protected], или да се закачи на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а потоа на погоренаведената електронска адреса да се испратат линкот и лозинката. Избраните ќе бидат известени до 5 јули.
Работилницата ќе се одвива во четири наврати, односно во рамките на Патувачкото кино на „МакеДокс“ и „ДримОН“, кое ќе се одвива во Струшко од 21 до 28 јули, со продолжение во рамките на Филмскиот фестивал „МакеДокс“ од 16 до 23 август, а како последно, по договор, ќе се организираат две есенско-зимски сесии, кои би траеле од пет до седум дена.
Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но сместувањето некогаш може да биде и спиење под отворено небо.