Македонската банкарска асоцијација информира дека банките се подготвени предвремено да ја извршат исплатата на мајските пензии.
Сите пензионери кои што поседуваат дебитни картички, веќе во среда, 27 мај, преку банкоматите и во трговската мрежа ќе располагаат со својата мајска пензија.
„Готовинската исплата на пензиите, за оние пензионери кои што не поседуваат дебитни картички и овојпат ќе се спроведе во групи. Во среда, 27 мај ќе се исплаќаат пензии во висина до 11.000 денари, во четврток, 28 мај ќе има исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари; во петок, 29 мај – пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари, во понеделник, 01 јуни – пензии во висина над 18.000 денари,“ се вели во соопштението.
Од Македонската банкарска асоцијација апелираат сите корисници на пензии кои досега не го сториле тоа, при посета на филијалите и експозитурите заради подигнување готовина од мајската пензија, да пополнат барање за изработка на дебитна картичка. Со тоа, при исплатата на следната пензија, физичкото присуство во експозитурите и филијалите ќе биде помало, а секој пензионер ќе има лесен, брз и едноставен пристап до своите средства во секое време.