Мајкрософт ќе плати 20 милиони долари поради незаконско собирање податоци за деца на „Ексбокс“

Компанијата не ги информирала родителите за сите податоци што ги собирала, вклучувајќи ја и профилната фотографија на корисникот, а не кажала ниту дека податоците се споделуваат со трети страни

фото? InspiredImages на Pixabay

Технолошката компанија „Мајкрософт“ ќе им плати 20 милиони долари на американските федерални регулатори, откако беше откриено дека компанијата незаконски собирала податоци за деца што отвориле сметки на „Xbox“ (Ексбокс).

Федералната трговска комисија на САД вчера постигнала спогодба со „Мајкрософт“, при што е предвидено и зголемена заштита на децата гејмери, пренесува Би-Би-Си.

Меѓу другите прекршувања, Комисијата открила и оти „Мајкрософт“ не ги информирал родителите за своите политики за собирање податоци. Компанијата го прекршила американскиот закон за онлајн приватност на децата со тоа што не добила соодветна родителска согласност и ги задржала личните податоци за деца под 13 години подолго од потребното.

Корисниците на „Ексбокс“ мора да создадат сметка за да користат одредени услуги на платформата на конзолата. Притоа, се собираат информации како целосно име, адреса, е-адреса и датум на раѓање.

Компанијата, исто така, не ги информирала родителите за сите податоци што ги собирала, вклучувајќи ја и профилната фотографија на корисникот, а не кажала ниту дека податоците се споделуваат со трети страни.

Како дел од спогодбата, „Мајкрософт“ морал да воведе нова безбедноста заштита на децата, што вклучува систем на бришење на сите лични податоци доколку за две недели не се добие согласност од родителите.

Инаку, минатата недела и „Амазон“ се согласи да плати 25 милиони долари откако Федералната трговска комисија откри дека компанијата со години чувала чувствителни податоци, вклучително и гласовни снимки на деца. Единицата на компанијата за ѕвонче со камера „Ринг“, исто така ќе плати 5,8 милиони долари откако на вработените им дала неограничен пристап до податоците на клиентите.