Мајкрософт го повлекува „LinkedIn“ од Кина

фото: Souvik Banerjee на Unsplash

Мајкрософт ја исклучува својата социјална мрежа „Линкдин“ (LinkedIn) во Кина, бидејќи услогласувањето со насоките од кинеските власти било голем предизвик за компанијата, јави „Би-би-си“.

„Линкдин“ беше единствената голема западна социјална мрежа која функционираше во Кина. Нејзиното повлекување доаѓа откако платформата за кариерно поврзување се соочи со прашања околу блокирањето на профилите на неколку новинари.

„Линкдин“ планира кон крајот на годинава во Кина да ја лансира „InJobs“, своја посебна верзија која ќе вклучува само барање и нудење работа. На новата страница нема да може да се споделуваат информации или да се објавуваат постови и написи.

Како што пишува „Би-би-си“, при нејзините почетоци во 2014 година „Линкдин“ се согласи да се придржува кон барањата на кинеската влада за да може да функционира во оваа земја, но истовремено соопшти дека ќе биде транспарентна и дека не се согласува со владината цензура.

Во своето седумгодишно функционирање во Кина, „Линкдин“ се бореше против локалните конкуренти, а во март годинава беше казнета од кинеските регулатори поради нецензурирање политичка содржина, што подоцна резултираше со суспензија на регистрација на нови корисници во рок од 30 дена. Платформата, исто така, била користена од кинески разузнавачки агенции како алатка за регрутирање.

Неодамна „Линкдин“ на својата црна листа во Кина ги стави профилите на неколку новинари, вклучувајќи ги Мелиса Чен и Грег Бруно.

Бруно, кој напишал книга за третманот на Кина кон тибетските бегалци, за американските медиуми изјавил дека не е изненаден што тоа не ѝ се допаднало на Комунистичката партија на Кина, но бил запрепастен што една американска технолошка компанија се впушта во барањата на странска влада.

По овој потег, „Линкдин“ наиде на големи критики во САД поради „поклонувањето пред правилата за цензура во Пекинг“.