Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишна жена со престојувалиште во Ржаничино, која е осомничена за Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик, соопштија оттаму. За мајката е предложен притвор, а бебето, чиј татко не е познат, е згрижено во Центарот за социјални работи.

„На 9 ноември во вечерните часови, таа грубо ја запоставила својата мајчинска должност за грижа и воспитување, го запуштила и малтретирала својот 6-месечен син. Изнервирана затоа што бебето плачело, почнала да го удира со раце и тупаници по устата и носот, нанесувајќи му повреди со крварење. Повредите кај детето ги забележал сопственикот на домот каде престојувала осомничената и уште една пријателка кои го однеле детето на лекарски преглед. На Клиничкиот центар на детето му биле констатирани повеќе нови повреди – контузии и хематоми, но и постари подливи од претходни повреди“, наведено е во соопштението од Обвинителството.

Во исто време, констатирано е дека осомничената од раѓање не го однела детето ниту на лекарски преглед, ниту на вакцинација, меѓу другото со цел да прикрие дека физички го удира бебето.