Магла ја закова целата земја, загадено и во „чистите“ градови, се диши само во Лазарополе

Фото: Архива на Мета.мк

Берово, Охрид, Гевгелија и други градови низ земјава кои традиционално се познати по чистиот воздух, деновиве се борат со високите концентрации на ПМ 10 честички. Котлините се заковани во магла, а квалитетот на воздухот што го дишиме е крајно ризичен. Рај за белите дробови деновиве е само Лазарополе, каде ПМ 10 се речиси на нула.

Во Скопје, пак, заедно со Тетово, Гостивар, Кичево и Струмица само во последните десетина денови неколкупати имаше предупредување за надминување на прагот за алармирање, што значи пречекорување на концентрациите на ПМ 10 од 150 микрограми на кубен метар во текот на два дена едноподруго, надополнето со неповолна временска прогноза. Пречекорувањето повлекува и препорака од Министерството за животна средина за активирање на мерките за заштита на граѓаните на општинско ниво.

Концентрациите на ПМ 10 и 2,5 во другите градови не го надминуваат прагот на алармирање, но сепак, се доволно високи за да влијаат на здравјето и квалитетот на живот. Мерењата на мониторинг станиците на Министерството за животна средина покажуваат дека во Охрид, концентрациите на ПМ 10 во последната седмица со движеле и до 110 микрограми на кубен метар, што е повеќе од двојно повисоко од максималните дневни дозволени концентрации. Во Берово бројките во изминатава недела се малку пониски, а загадувањето оди до 75 микрограми на кубен метар, што повторно е повисоко од максималните 50 микрограми.

Деновиве тешко се диши и во Кавадарци, каде концентрациите достигнуваат и до 133 микрограми, во Прилеп до 135, во Битола се над 200, во Кичево и Тетово над 160. Во Скопје најзагадено изминатава недела беше на мерното место во Центар, каде концентрациите на ПМ 10 покажаа 174 микрограми на кубен метар, Лисиче со 165 и Ѓорче Петров со 120.

Мерките кои ги предлагаат надлежните очигледно е дека не даваат резултати, сметаат екологистите. Тие предлагаат пакет од краткорочни и долгорочни мерки кои треба да резултураат со подобрување на квалитетот на воздухот во најзагадените средини.

„Речиси секој голем град во земјава е покриен во смог. Ова се случува поради два главни фактори, температурната инверзија, која е вон наша контрола, но се предвидува и загадувањето од индустријата, домаќинствата и возилата, што можеме да го контролираме“, вели Горјан Јовановски, еко активист и творец на апликацијата „Мој воздух“.

Тој смета дека не смееме да си дозволиме да чекаме два дена по ред аерозагадувањето да е екстремно, за да се активираат препораките од министерството или пак да се молиме да дувне ветер и да нè спаси.

„Има многу реални чекори, температурната инверзија се предвидува, па УХМР треба веднаш да започнат со алармирање за оваа состојба во сите котлини низ земјата, а пред да се формира да се запрат сите индустриски капацитети кои имаат А и Б интегрирани дозволи, со наредба, а не со препорака“, вели Јовановски.

Тој како краткорочна мерка го предлага и воведувањето целодневна евтина тарифа на струјата, за да се мотивираат домаќинстрвата да не користат фосилни горива за затоплување.

„Со експерти ќе разработиме и долгорочен план за подобрување на квалитетот на воздухот, што ќе им го ставиме на маса на надлежните и ќе инсистираме да го земат во предвид. Ќе бараме со засилено темпо да се инвестира во зелена енергија од фотоволтаици, особено за домаќинствата, да се воведе јавно достапен мониторинг на сите инсталации со А и Б интегрирани дозволи, а секое пречекорување веднаш да се казнува, како и да се забрани градење згради во воздушните коридори низ градовите и да стави крај на непочитувањето на правилата за градба“, вели Јовановски.