fbpx

Магдоносот во Велес „богат“ со олово и кадмиум

-

Лиснатиот зеленчук, а особено магдоносот во Велес има најголема концентрација на тешки метали. Истражувањата на почвата, спроведени во 2019 и 2018 година покажуваат дека зеленчукот што го консумираат велешани содржи со 1,5 пати поголема концентрација олово од дозволената и 2,5 пати поголема концентрација кадмиум. Загадувањето е резултат на огромните количини тешки метали, кои сè уште стојат на отворено покрај велешката Топилница.

Црниот рид со згура, на простор од 33.000 кубни метри, тежок 1,7 милиони тони е резултат на децениското загадување на градот од работата на овој капацитет. И покрај тоа што речиси две децении не работи, Топилницата преку згурата, сè уште им го загрозува здравјето на велешани. Во троската има околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум… кои слободно се разнесуваат преку ветерот. Го загадуваат воздухот и почвата, а се таложат и во прашината во домовите на велешани.

Активистите на невладината организација „Вила Зора“ предупредуваат дека почвата е загадена во радиус од дваесетина километри, а ниви на кои се одгледува зеленчук и лозја има и во непосредна близина на троската.

„Најголемите концентрации на тешки метали се забележани кај лиснатиот зеленчук, додека, нивоата кај пиперките и доматите се намалуваат. Кај јаболката и грозјето, пак, поради големиот коренов систем, се во границите на дозволеното“, информираат од „Вила Зора“.

Според анализите на земјата во велешко, на правени во проектот „Да ја заштитиме почвата“, финансиран од УСАИД, присуството на тешки метали во почвата по деконтаминацијата со маслодајна репка, на длабочина до 20 сантиметри е поголемо за 0,5 пати, додека на длабочини од 20 до 40 cантиметри во почвата концентрациите се помали за 3,5 пати.

„Концентрацијата на тешки метали во подолниот слој на почвата е помала, што докажува дека маслодајната репка ги примила тешките метали во себе и направила деконтаминација на почвата. Резултатите на тешки метали во маслодајната репка се енормно над дозволената количина, што покажува дека ова растение, кое има докажани својства на фиторемедијатор, ги апсорбира тешките метали и има капацитет да ја прочисти почвата за пет години“, посочуваат од „Вила Зора“.

Фактот, пак, дека површинскиот слој на почвата не само што не се исчистил, туку и повеќе е загаден, лежи во ридот троска. Причината за поголема загаденост после деконтаминацијата, според екологистите, е загадувањето од прашината богата со тешки метали. Дека велешкиот воздух и почва се „богати“ со тешки метали, иако Топилницата не работи, докажуваат и истражувањата на професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно математичкиот факултет, направени пред шест години. Испитувањата на прашина направени во три зони, во куќи во Велес, во Башино село и во планинските села југозападно од Велес, потврдија дека се сретнуваат особено високи вредности на арсен, кадмиум, олово, цинк, индиум и антимон, а особено се високи нивоата на кадмиум во домашната прашина, 21 милиграм на килограм и на кровните греди, 240 милиграми на килограм.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...