Магазинот „Тајм“ ја објави листата на 100 највлијателни личности за 2021 година

фото: Твитер / „Тајм“

Политички лидери, уметници, спортисти и иноватори и годинава се најдоа на листата на 100 највлијателни личности која ја објави американскиот магазин „Тајм“ (Time).

На листата, како „икони“ доминираат принцот Хари и неговата сопруга Меган, војвотката од Сасекс. Изминатава година тие беа дел од револуционерното интервју со Опра Винфри, го добија своето второ дете, истовремено предизвикувајќи неколку скандали поврзани со кралското семејство. Парот се најде на листата поради начинот на кој презема ризици за да им помогне на заедниците во неволја, со тоа што „нуди поддршка за менталното здравје на жените и девојките-африканки во САД и ги храни оние што се погодени од природни катастрофи во Индија и на Карибите“.

Хари и Меган се најдоа на една од  неколкуте насловни страници на „Тајм“, а покрај нив до првата страна на магазинот стигнаа и атлетичарката Симон Бајлс, пејачката Били Ејлиш, како и Нгози Оконџо Ивејла – првата жена-африканка која ја предводи Светската трговска организација.

Другите личности кои се најдоа на годинешната листа на „Тајм“ се тениската ѕвезда Наоми Осака, која исто така ги разгоре дискусиите за менталното здравје годинава откако се повлече од „French Open“, потоа рускиот опозициски активист Алексеј Навални, Бритни Спирс и Доли Партон.

Како и досега, и годинава листата вклучува политичари и лидери ширум светот кои имале значајно влијание изминативе девет месеци, како американскиот претседател Џо Бајден, кинескиот лидер Си Џинпинг и индискиот премиер Неренда Моди. На листата се најде и заменик-лидерот на талибанците во Авганистан – Абдул Гани Барадар.

Помеѓу уметниците, за највлијателни личности според „Тајм“ се прогласени и раперите Бед Бани (Bad Bunny) и Лил Нес Екс (Lil Nas X), актерите Даниел Калуја, Омар Си, Стивен Јун и Скарлет Џохансон, како и историчарката Џесика Б. Харис.

Од светот на иновациите и технологијата се издвоени Илон Маск, извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс Екс“, како и Тим Кук, извршен директор на „Епл“, во друштво на уште неколкумина директори и истражувачи.

На листата на „Тајм“ се најде и унгарската биохемичарка и заменик претседател на „BioNTech“ – Каталин Карико, за нејзиниот придонес во развојот на механизми со посредство на RNA, како и Џон Нкенгасон, директор на афричкиот Центар за контрола и превенција на болести.

„Тајм 100“ е годишна листа на 100 највлијателни луѓе во светот која ја составува американскиот весник „Тајм“. Појавувањето на оваа листа се смета за чест помеѓу јавните личности, а весникот јасно става до знаење дека оние кои се нашле на листата се препознаени по промената што ја направиле во светот, без оглед на последиците од нивните постапки.

Конечната листа се избрана исклучиво од уредниците на магазинот, додека номинациите доаѓаат од личности кои порано се нашле на „Тајм 100“ листата.