fbpx

Мачките може да се заразат со Ковид-19, но нема докази дали може да го пренесат на човек

-

Досегашните истражувања покажуваат дека мачките може да се заразат со корона вирус, но се уште не постојат докази дали може да го пренесат на луѓето. Експерите велат дека наодите од истражувањата се веродостојни, но не укажуваат дека мачките играат огромна улога во ширењето на болеста помеѓу луѓето. Тие веруваат дека пренесувањето од човек на човек е главниот двигател во пандемијата. Истражувачите и експерите советуваат разумно да се ограничат блиските интеракции со мачките, особено со оние што ги чуваат во домашни услови.

Според нова студија во списанието Science, мачките може да бидат заразени со новиот коронавирус. Поради ова Светската здравствена организација (СЗО) вели дека подетално ќе го разгледа пренесувањето на вирусот помеѓу луѓето и домашни миленици. Студијата, откри дека феретите исто така можат да се заразат со корона вирусот.

Наодите од списанието Science поддржуваат претходна студија на Одделот за земјоделство, риболов и конзервација во Хонг Конг, дека мачките, па дури и некои кучиња, можат да бидат носители на оваа болест, но не можат да го пренесат вирусот на луѓето.

Врз основа на истражување спроведено во Кина во јануари и февруари, кога истражувачите се обиделе да ги заразат животните со вирусни честички преку носот, инфицираните мачки имале вирус во устата, носот и тенкото црево. Додека пак, мачињата изложени на вирусот покажале значителни лезии во белите дробови, носот и грлото.

„Она што го даваат овие податоци е препорака луѓето кои се со КОВИД-19 да се дистанцираат, не само од другите членови на домаќинството, туку и од домашните миленици, за да не го пренесат вирусот на нивните миленици, особено на мачките“, рече Даниел Курицкес, шеф на заразни болести во Бостон Бригам.

Не веруваме дека тие играат улога во преносот, но сметаме дека тие можат да бидат заразени од заразено лице/сопственик, ова го изјави на прес-конференција, епидемиологот на СЗО, Марија Ван Керхове.

Експертот за вонредни состојби на СЗО, Мајк Рајан, ги замоли луѓето да не се одмаздуваат кон животните.

„Тие се самостојни суштества и заслужуваат да бидат третирани со љубезност и почит. Тие се жртви како и останатите“, рече тој.

Имено, првиот случај на заразена мачка во Белгија се појави откако сопственикот кој бил заболен од вирусот, се вратил од патување во Италија. Подоцна мачката развила симптоми на дијареја, повраќање и респираторни проблеми.

„Нема извештаи за миленичиња кои го пренесуваат вирусот кај нивните сопственици“ – изјави Стивен Ван Гухт, виролог и федерален портпарол на епидемијата на коронавирус во Белгија.

Тој истакна дека дури и пренесувањето од човек на домашно милениче не е значаен пат за ширење на вируси.

„Сметаме дека мачката е странична жртва на тековната епидемија кај луѓето и не игра значајна улога во размножувањето на вирусот“, додаде тој.

За да се докаже дефинитивно дека мачката е заразена со Ковид-19, научниците ќе треба да направат тест на крвта за да бараат антитела специфични за овој вирус. Тие тестови се прават откако мачката не е под карантин, објасни Ван Гухт.

На почетокот на овој месец, во зоолошка градина во Њујорк беше евидентиран првиот случај на заразен тигар, а уште седум други големи мачки покажале симптом на вирусот. Тие имале сува кашлица и намален апетит уште минатиот месец.

Единствените други миленичиња за кои се смета дека го „фатиле“ коронавирус од сопствениците биле две кучиња во Хонг Конг. Првото куче, 17-годишен Померанец, кое кон крајот на месец февруари било тестирано позитивно на вирусот. Истото починало во средината на март, иако точната причина за смртта се уште не е позната, бидејќи сопственикот не дозволил обдукција. Второто куче, германски овчар кое е исто така тестирано позитивно, но не покажало никакви симптоми на болеста.

„Мета.мк“ и претходно пишуваше за оваа тема.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...