Темни облаци надвиснаа над грчката влада по пораката од меѓународните кредитори дека пакетот за штедење веројатно ќе мора да продолжи и во 2015 година. Владата на Нова демократија и на ПАСОК се надеваше дека на преговорите со „тројката“ во Париз, изминатите два дена, ќе постигне договор со кој ќе се потврди дека Грција ги има исполнето предвидените обврски и мерки и со тоа ќе стави крај на спроведувањето на пакетот мерки за штедење. Меѓутоа, неуспехот да се убеди „тројката“ дека Грција ги има завршено своите обврски наметна нов товар на грчката влада и уште повеќе го зголемува народното незадоволство од владината политика.

Според првичниот договор, со пакетот за штедење требаше да заврши на крајот на 2014 година, а неговиот крај по четири години мерки за штедење се очекуваше да биде нова потврда и гаранција за економската, политичка и за финансиска стабилност на Грција по крахот поради финаниската криза. Потврда дека е можно пакетот да продолжи да се спроведува и следната година, дојде и од грчкиот вицепремиер Евангелос Венизелос и од министерот за финансии, Гикас Хардувелис.

– Европската програма завршува на 31 декември. Целта е последната исплата на кредитот да се случи пред 31 декември. Ако од технички причини некои процедури не може да се завршат, тоа може да се одложи – истакна Венизелос по итната средба со грчкиот премиер Андонис Самарас.

Меѓутоа, тој беше дециден дека ќе нема нова програма и нов заем за Грција, а со тоа и дека ќе се избегнат нови мерки.

Тмурното време во Атина беше вистински показател за незгодната ситуација во која е ставена грчката влада. Венизелос и Самарас во моментов се вклештени во сендвич од притисоци од „Тројката“ од една и незадоволството на народот од друга страна. Најавата дека мерките веројатно ќе продолжат и следната година само дополнително ја зголеми разочараноста и гневот на илјадниците Грци кои денеска под облачно небо излегоа на протест низ целата држава. Улиците на Атина, Солун, Јанина, Ираклио беа исполнети со граѓани кои бараа владата да престане да им робува на интересите на меѓународните кредитори и да почне да работи за интересите на граѓаните за да се стави крај на мизеријата од финансиската криза. Според проценките на грчките медиуми низ улиците на Атина денеска излегоа околу 20.000- 30.000 демонстранти во знак на несогласување со владината политика и финансиските отежнувања со кои се соочуваат грчките домаќинства. Дел од паролите со кои граѓаните бараа владата или да се измени или да си замине беа построги од било кога. Вниманието на многумина го привлече транспарентот на една средовечна жена на кој беше испишано: „Да ве видам на бесилка, предавници, само тогаш ќе ми се смири душата“.

Поради протестите и генералниот штрајк на грчката администрација беа парализирани сите државни служби, болниците работеа само со персонал за обезбедување, а лекарите и медицинскиот персонал беше дел од маршот на улиците.

Покрај нив се најдоа и атинските адвокати, вработените во електродистрибуција, отпуштените од државната телевизија ЕРТ, а „рачна“ во текот на денот кренаа возачите од јавниот превоз во Атина и контролорите на летови, додека пак железничкиот сообраќај низ целата држава беше во целосен прекин. Масовните протести поминаа мирно, без поголеми инциденти и судири со полицијата.

Под знак прашалник е како продолжувањето на пакетот и масовноста на денешниот протест ќе се одрази на имиџот на коалициската влада на Самарас и Венизелос, кои периодов активно работат на стратегијата да обезбедат мнозинство од 180 пратеници за избор на нивниот заеднички кандидат за претседател со цел да избегнат предвремени избори. Во меѓувреме лидерот на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас жестоко преговара со дел од независните пратеници за да обезбеди силна контра на владата и да не дозволи да помине владиниот предлог. СИРИЗА според последните анкети на јавното мислење води пред Нова демократија, но не е сигурно дека ќе може да обезбеди апсолутно мнозинство за да формира влада.

Среде оваа клима на вознемиреност во владините редови, духовите ги разбранува и предлогот на екс шефицата на грчката дипломатија и пратеничка на Нова демократија, Дора Бакојани за уште денес да се почне процедурата за избор на претседател, која е предвидена за март.

Според Бакојани секојдневните случувања кои одново покажуваат слики на неизвесност и нестабилност во Грција одат контра интересите на грчката економија.

-Да почне веднаш процедурата за избор на претседател и да не се затвори Собранието за Божиќните празници. Странците ја гледаат Грција, а не секоја партија посебно. Затоа треба да сме oбединети. Имаме длабока политичка криза. А не економска – изјави Бакојани.

М.П.