„М“ на Вардан Тозија победник на „Гримфест“

Жирито подвлече дека „М“ беше истакнат во речиси секоја категорија во која се натпреваруваше, што го прави јасен избор за годинешното главна награда

Принтскрин, Гримфест

Филмот „М“ на Вардан Тозија освои уште една голема награда, откако е прогласен за апсолутен победник на Интернационалниот филмски фестивал „Гримфест“ во Манчестер.

Македонскиот филм, во продукција на Фокус Покус, ја имаше својата британска премиера на 16-тото издание на „Гримфест“, кој се вбројува во најзначајните жанровски компетитивни фестивали во Велика Британија.

Одржан од 3-ти до 6-ти октомври во Odeon Great Northern, главната селекција на годинешниот фестивал вклучуваше 21 долгометражен филм од сите делови на светот, во најголем дел светски или британски премиерни прикажувања. Со извонредна постава на хорор, научно-фантастични и фантастични филмови, фестивалот кулминираше со долгоочекуваното објавување на победниците на наградата Grimm Reaper, наградувајќи ги најдобрите во различни категории.

Добитник на наградата за најдобар филм беше „М“ на Вардан Тозија, филм што го воодушеви жирито со својот емотивен интензитет и длабоко тематско истражување. Жирито подвлече дека „М“ беше истакнат во речиси секоја категорија во која се натпреваруваше, што го прави јасен избор за годинешното главна награда.

„Наградата за најдобар филм ја доби „М“ на Вардан Тозија. Дистописката приказна која доаѓа од Северна Македонија и следи мало момче кое патува само како последица на пандемијата што го опустоши човештвото“, пренесе престижниот Screen Daily непосредно по доделувањето на наградите.