Лука Павиќевиќ е нов претседател на Сојузот на средношколци

Новиот претседател на Сојузот на средношколците Лука Павиќевиќ; Извор на фотографија: Фејсбук страница на Сојузот на средношколци

На Вториот конгрес на Сојузот на средношколци што се одржа викендов, Лука Павиќевиќ е избран за нов претседател на Сојузот на средношколци со освоени 69 отсто од сите претставници што учествуваа на физичкото и онлајн гласање. Противкандидатот Емира Хусовиќ на гласањето освои 31 отсто од гласовите. Како избран претседател на Сојузот на средношколци, Павиќевиќ должноста ќе ја преземе на 10 јуни, т.е. кога ќе заврши вториот мандат на досегашниот претседател Бленди Ходаи.

„Клучната моја вредност како претседател на Сојузот ќе биде искрената верба дека средношколците се еднакви засегнати страни во сите процеси на одлучување поврзани со нив. Оваа премиса ќе биде изворот на сите иницијативи на Сојузот. Кога сме сплотени, нема нешто што не можеме да оствариме! Затоа, ве повикувам сите вас, да ми се придружите“, стоеше во кандидатурата на Павиќевиќ.

Покрај изборниот конгрес, во саботата се одржа и 13-тото Генерално собрание на Сојузот на средношколци, на кое беа верификувани мандатите на 30-те нови младински амбасадори на Сојузот и беше усвоен Етичкиот кодекс.

„Собранието го одобри извештајот на Извршниот одбор за мандатот 2019-2021 година и одлучи да основа Алумни асоцијација на Сојузот, за новото раководство да може да го искористи искуството и знаењето на досегашните лидери и активисти“, информираат од Сојузот на средношколци.

Претседателот во заминување Бленди Ходаи го затвори Генералното собрание со својот завршен говор, со кој им посака многу среќа на идните претставници на Сојузот и рече дека се надева дека Сојузот ќе продолжи да биде традиција на македонското општество.