Лука Павиќевиќ: Академскиот тест ќе го олесни уписот на факултет

Фото: Лука Павиќевиќ: Лична архива

Наместо државна матура, учениците од средното стручно образование и оние од уметничките училишта, да полагаат влезен академски тест ако сакаат да го продолжат своето образование на факултет. Ова го предлага работна група составена од експерти, која веќе изготви нов концепт за државна матура, кој би се применувал најрано од 2025 година. Тестот е предвидено да биде замена за државната матура, а би бил составен од прашања од материјалот по мајчин јазик, англиски јазик, а ќе се проверува и нумеричка писменост на учениците.

За тоа што му недостасува на сегашниот начин на полагање матура, кои новини се предвидени со новиот концепт и од што точно ќе се состои т.н. академски тест, зборуваме со Лука Павиќевиќ, актуелниот претседател на Сојузот на средношколци, кој беше вклучен во работната група, а кој во тоа време беше ученик и претставник на Сојузот.

Државната матура кај нас за прв пат беше воведена во учебната 2007/2008 година. Беше и пофалена во извештајот на ОЕЦД како добра пракса. Зошто е потребно да се менува концептот, што е она што не чини во сегашното полагање на испитот на зрелоста?

Во „Прегледот на ОЕЦД за евалуацијата и оценувањето во образованието во Северна Македонија“, се нотираат неколку предлози за подобрување на државната матура. Државната матура е пред сè дизајнирана за учениците од гимназиското образование, а неа ја полагаат и учениците од стручното и од уметничкото образование ако сакаат да се запишат на факултет. Ова создава проблем бидејќи моментално учениците од стручно и уметничко полагаат матура создадена за гимназијалци. Ова не е фер бидејќи испитните програми во државната матура ги рефлектираат наставните програми во гимназија. На пример, програмата по македонски јазик и литература во стручните училишта не е иста со таа во гимназиите. Понатаму, учениците од стручното и од уметничкото образование немаат шанса да ги полагаат стручните предмети како дел од државната матура. Реформи се потребни за конечно да имаме решение сензитивно на нивните потреби.

Со новиот концепт за државна матура, се предлага полагање академски тест за оние матуранти кои ќе сакаат да се запишат на факултет. Од што ќе се состои тој тест?

Јас ја имав честа во периодот февруари до јули 2021 година да учествувам во стручниот тим формиран од страна на директорката на Државниот испитен центар како претставник на Сојузот. Оваа работна група го создаде нацртот на новата Концепција, па можам точно да Ви кажам за што станува збор. Со предложениот нов модел, гимназијалците ќе продолжат да полагаат државна матура ако сакаат да се запишат на факултет. Како и досега.

Новината којашто се воведува е сите ученици во стручното образование да полагаат стручна матура, што е реформирана верзија на завршниот испит. Стручната матура ќе се состои од испит по мајчин јазик (македонски, албански или турски), стручен задолжителен модул (во зависност од образовниот профил) и практичен дел. Во уметничкото, пак, се воведува уметничка матура, која ќе се состои од мајчин јазик, стручен наставен предмет (кој ќе го избираат учениците) и практичен дел. Сите ученици од стручното и уметничкото ќе полагаат стручна, т.е. уметничка матура. Тие кои сакаат да се вработат ќе можат тоа да го сторат со оваа квалификација.

За тие коишто сакаат да се запишат на факултет предвидуваме да полагаат влезен академски тест. Влезниот академски тест ќе биде заснован врз наставните програми во средното стручно и уметничко образование. Тој нема да влијае врз успехот на ученикот, туку ќе биде користен од страна на високообразовните установи за само селекција при упис. Влезниот академски тест има три дела. Првиот дел подразбира јазична писменост на мајчиниот јазик на ученикот, односно читање со разбирање, критичко размислување и способност за анализирање. Вториот дел ќе ги мери знаењата за извлекување точни заклучоци, работа со податоци и нумерички податоци во реален контекст, т.е. основна нумеричка писменост. А пак третиот дел ги оценува знаењата и ефективната употреба на англискиот јазик за основна комуникација.

Вакви академски тестови се користат во Израел и Финска, а слично искуство се наоѓа и во американскиот образовен систем.

Овој тест треба да им олесни на учениците од стручното образование. Зошто?

Најпрво, испитните програми ќе бидат засновани врз нивните наставни програми. Ќе го полагаат тоа што го учат на часовите, а не тоа што се предава во гимназиите. Потоа, ќе го олесни уписот на факултетите, бидејќи знаењата за три клучни области ќе им бидат преточени во еден испит, но факултетите деловите ќе ги разгледуваат поединечно.

Начелно е планирано полагањето на влезниот академски тест да се одржува во март или април – многу пред полагањето на државната матура и уписите на факултет, значи, ќе можат ем порано да ги дознаат резултатите, ем целиот товар да не им биде во јуни.

Кои други новини ги предлагате во новиот концепт?

За мене лично најинтересна новина се случува во практичниот дел на стручната матура. Комисијата во практичниот дел од стручната матура ќе ја сочинуваат двајца наставници и еден ментор/претставник од работодавачите, делегиран од страна на комората. За првпат во историјата стопанскиот сектор ќе биде вклучен директно во оценувањето на учениците од стручното образование. Верувам дека ова ќе им олесни на учениците да најдат вработување бидејќи работодавачите директно ќе ги следат, ќе ги оценат и ќе се запознаат со компетенциите на еден кандидат.