Љубителите на планинскиот велосипедизам добија нова патека на Водно (галерија)

Љубителите на планинскиот велосипедизам од утре ќе може да возат по новата нагорна пионерска патека на Водно, која е дел од проектот „Велосипедски парк Водно“.

Официјалното отворање на патеката ќе биде во 12 часот на средно Водно, а претходно, сите велосипедисти се поканети да учествуваат на натпревар во организација на „Прв до врв“. Натпреварот ќе почне во 10 часот од полициска станица Водно и секој натпреварувач ќе стартува на 20 секунди, а учеството е бесплатно.

Новата планинска велосипедска патека е со променлива широчина (најмногу до 3 метри), со вкупна должина од 3.432 метри и се протега од полициската станица се до Средно Водно. За да се зголеми безбедноста на сите посетители на Водно, таа е посебна патека наменета исклучиво за велосипедистите, односно целосно одвоена од патеките на Водно што се наменети за пешаци и планинари.

Проектот за уредување на оваа планинска вело-патека на Водно се реализираше во соработка и е кофинансиран од Советот за регионална соработка (Regional Cooperation Council).

Со изградбата на велосипедската патека на Водно, се отвора ново поглавје во туристичката понуда на Скопје, но и на Република Северна Македонија. Оваа сертифицирана вело – патека ги исполнува условите за организација на меѓународни натпревари на северните падини на Водно.