Либерална партија (ЛП) смета дека Законот за употреба на јазиците е донесен вон процедура и дека не е важечки, образложувајќи дека ситуацијата е таква поради прекршувањето на процедурата.
Од партијата велат дека откако претседателот на Република Македонија не го потпиша указот при првото изгласување, Собранието имало рок од 30 дена за да ги усвои амандманите и да го изгласа или да не го изгласа законот.
„По истекот на рокот, секаква процедура и активност врзана за текстот што бил оспорен од претседателот е надвор од нашиот правен систем. Со истекот на 30-те дена процедурата по тој закон престанува и тој натаму не може ниту да се разгледува, ниту да се гласа по него, бидејќи веќе е надвор од процедурата. Доколку Уставниот суд сака да го штити уставниот и правниот поредок на земјата, треба да констатира дека Законот за употреба на јазиците е донесен вон процедура и дека не е важечки“, порачува партијата.
ЛП смета дека постои потреба од изменување и дополнување Закон за употреба на јазиците, но по поништувањето од страна на Уставниот суд, „со смирени нерви, поголем степен на толеранција и широк консензус, Собранието треба да донесе нов закон кој ќе биде во согласност со процедурата и ќе ги одрази сите сугестии и предупредувања и од опозицијата, и од Венецијанската комисија, и од Советот на Европа, а ќе биде основа за компактно и одржливо, наместо поделено општество“.