Либерална партија оценува дека аферата „Маѓар телеком“ е суштинска за откривање на подземните врски и на финансирањето на огромен дел од политичката сцена во Македонија и повикува специјалниот обвинител да го процесуира и овој случај.
„Објавените сведочења и јавните настапи на актери во овој период покажуваат дека коруптивните афери се карактеристика на македонските влади во континуитет и дека во нив се засегнати и „големите“ партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ) и нивните коалициски партнери. Откривањето на незаконското финансирање на политичарите и на политичките партии е основа за спречување на корупцијата на партиите, но и на системот во целост. Затоа, Либерална партија инсистира на целосно откривање на актерите во аферата „Маѓар телеком“. Имајќи предвид дека документацијата за случајот била на располагање на Јавното обвинителство во најмалку два мандати, а за тоа време не е отворена постапка, Либерална партија повикува специјалниот обвинител да го процесуира и овој случај“, велат од ЛП.