Обединетото Кралство се согласи преговорите за излегувањето на земјата од ЕУ да се одвиваат во две фази, беше соопштено вчера доцна вечерта, откако заврши првиот ден од подготовките. Британскиот министер за Брексит, Дејвид Дејвис, и преговарачот на ЕУ, Мишел Барние, вчера разговараа во зградата на Европската комисија, додека нивните тимови ги договараа организациските прашања.

Како што побарала ЕУ, првин ќе се разговара за излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата, а откако ќе се постигне „задоволителен напредок“, ќе се почне и со преговори за идните односи.

– Се согласивме за датумите, организацијата и за приоритетите на преговорите. Мора да ја отстраниме неизвесноста предизвикана од Брексит, сакаме да сториме сè повлекувањето на Британија да се одвива уредно, а потоа во следниот чекор ќе го осмислиме нашето идно партнерство – рече Барние на заедничката прес-конференција со Дејвис.

Сè до вчера британската премиерка Тереза Меј инсистираше преговорите за двете точки да се одвиваат паралелно. Дејвис вели дека договорот постигнат во Брисел вчера не значи отстапка од страна на Обединетото Кралство, туку дека двата дијалога ќе продолжат откако 27-те членки на ЕУ ќе кажат дека во преговорите за излегувањето на Британија е постигнат „соодветен напредок“.

Британија се согласила преговорите да ги опфатат трите приоритети нагласени од ЕУ, односно правата на жителите на ЕУ во Британија и обратно, финансискиот договор и границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска.

Барние и Дејвис во текот на секој од следните месеци по една седмица ќе преговараат, а другото време ќе се користи за подготовки. Првата рунда вистински преговори ќе почне на 17 јули.