Покрај рестрикциите што ги воведоа големите маркети – скратено работно време и регулиран влез на купувачите – сепак, за дел од локалните продавници остана да работат еден час помалку или со стандардно работно време. Вработените велат дека колку и да се заштитени, сепак се случува купувачите да доаѓаат без заштитна маска на лицето или ракавици. Апелираат и до нив, во продавниците да не доаѓаат незаштитени бидејќи сепак, продавачот не може да знае каде претходно бил купувачот.
Лора Филипова, продавачка во локална продавница во Скопје, иако на себе носи маска и ракавици, а го користи и гелот за дезинфекција вели дека ги чувствува промените што ги налага ситуацијата со корона вирусот.
„Непријатно е чувството да се работи во овие услови, но држам дистанца со купувачите и сум внимателна. Како продавач свесна сум за природата на мојата професија и тука сум да им го пружам потребното на купувачите“, вели таа.
Загрижена е што иако во моментов има заштита, сепак во аптеките снемува залихи на маски. Па, како што вели, ќе мора да се снајде и да направи сама, се додека тоа не го обезбедат аптеките.
Филипова констатира дека раздвиженоста во локалната продавница е на нормално ниво и има ред во купувањето. Забележала дека сега доаѓаат луѓе кои претходно не купувале од продавницата.
„Најверојатно тоа е поради причината што не сакаат да се пазаруваат во големите маркети каде што има гужви или застој пред влезовите. Тука доаѓаат да купат основни работи како леб, млеко, шеќер, зејтин, сол, но во ограничени количини. Најмногу се троши брашното и квасецот“ додава таа.
Работодавачите и вработените веќе ја чувствуваат тензијата што ја наметнува ситуацијата, но како што велат, останува да се види какви промени ќе наметне и најавената вонредна состојба.