Иницијативен одбор на локални и регионални медиуми со седиште во Битола ја поддржа владината иницијатива што јавно ја кажа премиерот Зоран Заев за укинување или промена на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), јави МИА. Овие медиумски куќи сметаат дека се нашле во тешка финансиска и материјална ситуација, бидејќи општините и јавните претпријатија не можеле да склучуваат договори за соработка со нив.

Инаку, ваквиот став на локалните и регионалните медиуми во овој Иницијативен одбор доаѓа само неколку дена, откако Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) со заедничко соопштение се спротивставија повторно да се дозволи рекламирањето на јавните институции во медиумите.

„ССНМ, ЗНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека е недозволиво состојбата во медиумската индустрија да биде вратена на нивото од пред четири години кога со државни средства, на нетранспарентен начин беа плаќани астрономски суми во медиумите без никакви критериуми. Таа пракса на која се противевме беше оценета како лош пример за државен поткуп на медиумите и придонесе за влошување на состојбата во медиумите и зголемување на пристрасноста во нивното известување,“ нагласија тие во заедничко соопштение.

ССНМ, ЗНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека доколку ваквиот предлог биде прифатен нема да донесе никакво подобрување на состојбата во медиумите и слободата на информирање, туку напротив дополнително ќе го поремети и онака ранливиот медиумски пазар и ќе го засили клиентелизмот.

Реакциите во јавноста се вжештија откако премиерот Зоран Заев во понеделникот изјави оти верува дека наскоро ќе биде даден предлог од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за укинување или промена на членот 102 од Законот за аудио и аудивизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

Заев образложи дека ваквиот потег би можел да им помогне на медиумите преку остварување договори со јавни претпријатија, општини и слично, во насока на обезбедување финансиска одржливост на медиумските куќи.

„Се бара трајно решение за чие изнаоѓање е поканета и европската делегација да ни дадат експерти за да го формираме она што е најдобро за нас, а поучени од европските искуства во делот на невлијание на медиумите“, објасни тогаш Заев.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.