„Љубовта е слепа“: Огромен успех на реалното шоу на „Нетфликс“ (видео)

Love is blind е најновото реално шоу на „Нетфликс“ за кое интернетот не може да престане да зборува. Ова реално шоу е всушност социјален експеримент чија намена е да одговори на прашањето дали љубовта е навистина слепа.

Во текот на експериментот учесниците треба да се согласат да се омажат со личност која предходно никогаш ја немаат видено, а одлуката на кого да понудат брак ја донесуваат врз основа на меѓусебните разговори.

Шоуто започнува така што група мажи и група жени се вселуваат во куќа каде се поделени – жените на една страна, мажите на друга  – без меѓусебна комуникација или комуникација со надворешниот свет (без телефони и интернет). Единствената комуникација меѓу мажите и жените е во специјални соби каде одат на состаноци и разговараат без да се видат меѓу себе.

Учесниците можат да ја видат личноста со која разговарале само откако ќе се одлучат да стапат во брак. По ова одат на заедничко патување, се запознаваат со семејствата на партнерот/ката и прават свадба. Многу драма, екстравагантни состаноци, солзи и многу реалистични и смешни моменти се причината за огромниот успех на серијата. А експериментот беше успешен за неколку од учесниците кои се моментално во среќен брак веќе година ипол (реалното шоу излезе на „Нетфликс“ неодамна, но продукцијата откри дека снимањето се одвивало во 2018 година).

Последната епизода од оваа сезона е објавена денеска во која учесниците се среќаваат повторно после долго време и разговараат за искуството во шоуто.