fbpx

Литија со „Ноќни волци“ и слики од Путин во Белград против Европрајдот во септември

-

Во Белград вчера се одржа собирот „Литија за спас на Србија“, со граѓани кои носеа црковни икони, фотографии од Владимир Путин и моторџии – членови на „Ноќните волци“ кои го предводеа настанот против одржувањето на Европрајдот во септември во српскиот главен град, јавува телевизијата Н1.

Банатскиот владика Никанор им се обрати на учесниците на литијата, давајќи им го како пример однесувањето на Владимир Путин кон геј популацијата. Тој за Путин рече дека е „денешен цар на планетата Земја“ кој донел одлука за „аномалиите“ кои се појавиле во Србија. Притоа, Никанор рече дека за нив „не смее да стане ниту збор, а камоли да заживеат“. По читања на молитви, учесниците на собирот минаа низ улиците на Белград и се упатија кон соборниот храм „Свети Сава“.

Инаку, вчерашниот собир во Белград се одржа и покрај најавите на српскиот претседател Александар Вучиќ и мандатарката во идната влада Ана Брнабиќ дека Европрајдот ќе биде откажан или одложен.

Брнабиќ изјави дека државата не сака никому да му ги скрати уставно загарантираните права, туку дека е прашање какви последици по Србија може да има одржувањето на Европрајдот, пренесува Н1.

„Тоа е повеќе молба отколку што им кажуваме: ‘немојте да шетате’. Тоа е во согласност со Уставот, но друго прашање е какви последици има по нашата држава. Се работи за тоа што во овој момент е возможно и како ја чуваме нашата стабилност. Мене ми е жал што е така, ама за нас овој септември ни е како ‘совршена олуја’. Има тука и странски фактор кој на сето тоа се радува“, изјави Брнабиќ.

Европрајдот во Белград треба да се одржи во периодот од 12 до 18 септември. Одлуката за годинешното издание да се одржи во Белград беше донесена уште во септември 2019 година. Во српскиот главен град се очекува да пристигнат илјадници лица од цела Европа за да учествуваат на настанот.

Претседателката на Европската асоцијација на прајдови, Кристин Гарина изјави дека претседателот Александар Вучиќ и српските власти не можат да откажат настан кој не е нивен. Таа вели дека ниту Белград прајд, ниту нивната асоцијација, нема да го откажат Европрајдот во Белград, јавува Н1.

Гарина додава дека правото на одржување на Прајдот е основно човеково право и неговата забрана претставува прекршување на членовите 11, 13 и 14 од Европската конвенција за човекови права, која Србија ја има ратификувано.

„Она што српските власти мора да направат е цврсто да се спротивстават на овие насилници и да го заштитат настанот“, изјави Кристин Гарина додавајќи дека Европрајдот не добил средства од српската влада, а ќе донесе милиони динари приходи за српската економија и ќе покаже дека Србија е прогресивна и гостопримлива европска земја.

Инаку, Би-би-си сервисот на српски јазик известува дека учесниците на вчерашната литија порачале дека ќе се соберат во Белград и на 17 септември, за кога е закажано одржувањето на „Парадата на гордоста“ во Белград. За некои од членовите на радикалните движења кои се противат на Европрајдот, и самиот претседател Александар Вучиќ викендов изјави дека се осудени за семејно насилство и за трговија со дрога.

Во Србија со денови во изминатиов период се подгрева дискурсот на говор на омраза против ЛГБТИ лицата во пресрет на Европрајдот во Белград. И пред две недели во српскиот главен град се одржа митинг против настанот, на кој поддршка му дадоа и некои радикално десничарски партии во Србија.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи кружат дезинформации, меѓу кои една постана многу вирална за таканаречена српска мајка која се вратила од Германија. Таа во видео порака им се обраќа на српските граѓани дека платила казна во Германија поради тоа што одбила синот да го облече во фустан. Највисоки претставници од партијата на Александар Вучиќ објавија дека станува збор за дезинформација, а жената која зборува е Русинка вработена во рускиот „Хуманитарен центар“ во Ниш, пишува белградскиот весник „Данас“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Откриен еден од осомничените за тешка кражба на сеф во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник, осомничен за кражба на сеф во Црниче. Ноќта меѓу 31 март и 1 април, осомничениот заедно со уште три лица, провалиле во...