СВР Скопје го лиши од слобода 46-годишен жител на Арачиново во врска со сообраќајната несреќа што вчера се случи на улицата „Радишанска“ во Скопје, во која загина 19-годишен мотоциклист од скопското село Побожје.

Според полицијата, во несреќата учествувало и возило „сеат алтеа“, кое немало физички контакт со мотоциклот, но со своето движење придонело за предизвикување на несреќата, по што возачот го напуштил местото.

Несреќата била пријавена на 7 август, во 12:12 часот во СВР Скопје. Според информациите од полицијата, на улицата „Радишанска“ дошло до сообраќајна несреќа меѓу патничко возило „алфа ромео“ со италијански регистарски ознаки, управувано од 47-годишниот С.Б. од Скопје, и мотоцикл „кавасаки“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 19-годишниот Н.М. од Побожје.

Од здобиените повреди, мотоциклистот починал на местото на несреќата. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција.

Возачот на автомобилот „алфа ромео“ се здобил со телесни повреди и бил пренесен во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“, каде што му биле констатирани повредите.

Во текот на увидот на местото на несреќата, полицијата презела дополнителни мерки и обезбедила видео запис од настанот. Од анализата на снимките било утврдено дека во предизвикувањето на несреќата учествувало и патничко возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки.

Од полицијата информираат дека „сеат алтеата“ немала физички контакт со другите возила, но дека нејзиното учество било утврдено во текот на истрагата за причините и околностите под кои се случила несреќата.

По несреќата, возачот на „сеат алтеата“ го напуштил местото, без да им укаже помош на повредените, соопшти СВР Скопје.

По преземање дополнителни мерки, полицијата околу 19:40 часот го пронашла возилото во скопското село Арачиново. Пронајден и лишен од слобода бил и неговиот возач, 46-годишниот С.О. од Арачиново.

Тој бил спроведен во полициска станица, каде што со него бил извршен службен разговор.

Од СВР Скопје велат дека по целосното документирање на случајот, до надлежното обвинителство ќе биде поднесена соодветна пријава.