fbpx

„Линк медиа плус“, фирма за златни лопати, тендери и за лампиони

-

Новогодишно украсување улици, наводнување жардиниери, изработка на репрезентативен новогодишен материјал, изработка на контролни маркици – етикети,  набавка на спортска опрема и на спортски маици, хортикултурно уредување, ова се само дел од тендерите што фирмата „Линк медиа плус“ ги добивала од скопските општини, Градот Скопје и од министерствата.

Против сопственикот на оваа фирма, Ѓорѓи Вуков, во 2008 година Финансиска полиција поднесе кривична пријава за затајување данок, но по спроведена постапка обвинението било отфрлено. Вуков во медиумите е познат и по изградбата на црквата „Света Лидија Македонска“ и по купувањето на златната лопата на наддавањето кое се одржа по осветувањето на камен-темелникот на оваа црква.

Околу тендерите што ги добивала оваа фирма имаше дискусија и во Собранието уште во 2009 година. Пратеникот на СДСМ, Горан Минчев, тогаш кажа дека „Фирмата „Линк медиа плус“ за околу една година сработила уште три други набавки за Министерството за внатрешни работи, односно две за маици и една за ознаки. Ова се зделки чија вредност надминува еден милион евра. Сопственикот на „Линк медиа плус“, господинот Ѓорѓи Вуков, кој, покрај тоа што добил кривична пријава за затајување данок од Финансиската инспекција, е погоден за Вас, министерке, да изврши уште најмалку десетина набавки за државни или општински институции“.

Се обидовме да добиеме изјава од сопственикот на фирмата „Линк медиа плус“, да го прашаме на што се должи успехот на компанијата, но од фирмата ни одговорија дека директорот е многу зафатен и дека не е заинтересиран да ни одговори на прашањата.

Рекордер за новогодишно украсување

Оваа компанија е рекордер во новогодишното украсување. Изминативе неколку години ги украсува речиси сите општини во Скопје, а тендери има добивано и во Струмица, Гевгелија и во други градови. Според неофицијално тврдење од општините, „Линк медиа плус“ е единствената што се пријавувала на тендерите за новогодишно украсување.

За бизнисот со новогодишното украсување, од 2009 до 2014 година  „Линк медиа плус“ заработила речиси милион и петстотини илјади евра. Тендерите со кои ги заработила овие пари, фирмата ги добила од Градот Скопје и од општините Карпош, Аеродром, Гази Баба и Кисела Вода. Во сумата не се пресметани парите од Центар и од Ѓорче Петров.

Градот Скопје за оваа услуга платил 56.727.286 денари или 922.394 евра, со тоа што оваа година заедно со „Линк медиа плус“ украсувањето го спроведувала и фирмата „Лутарико“. Општината Карпош платила од 2011 до 2014 година 21.550.000 денари или 350.406 евра, а Гази Баба за новогодишно украсување за истиот период платила повеќе од 5.8 милиони денари или  95.528 евра.

До општините поставивме прашања кои фирми украсувале од 2009 до 2014 година и колку пари добиле за тоа. Од некои општини добивме нецелосни одоговори.

– Годинава тендерот за новогодишно украсување го доби „Линк медиа плус“ и за тоа се издвоени средства во висина од два милиона денари. За сие претходни години, информациите се достапни и јавно објавени на бирото за јавни набавки – ни напишаа од Кисела Вода.

Од Општината Ѓорче Петров ни кажаа дека од 2009 до 2014 година, платиле нешто повеќе од шест милиони денари, но до 2013 на тендерите добивала компанијата „Дора-донка“, а оваа година почнала да украсува фирмата „Линк медиа плус“.

– Од 2009 до 2014 година, вклучувајќи го и годинешното украсување, потрошени се  6.222.452 денари. Од 2009 до минатата 2013 година, украсуваше фирмата „Дора-донка“, а годинава украсува „Линк медиа плус“ – ни одговорија од Ѓорче Петров.

Општината Аеродром со „Линк медиа плус“ склучила договор само во 2010 година, за што платила три милиони денари.

– Што се однесува до украсувањето оваа година, ние со истите новогодишни светилки набавени во 2010 година, кои се сè уште употребливи, симболично ги украсивме средишните жардиниери на трите главни булевари во општината. Од 2010 година наваму не даваме ниту денар за новогодишното украсување – одговорија од Општина Аеродром.

Одговор на прашањата не добивме од општината Центар, иако чекавме две недели. Ниту за оваа ниту, пак, за минатите години кога градоначалник на општината беше Владимир Тодоровиќ. Но, според известувањата за склучен договор за јавна набавка што ги најдовме на Бирото за јавни набавки, оваа година Општина Центар склучила договор за новогодишно украсување со „Линк медиа плус“ за 48.734 евра. Известување за склучен договор со „Линк медиа плус“ има и за 2012 година, кога општината се обврзала да плати 68.292 евра за изработка и за реализација на проектот за осветлување и украсување по повод дочекот на новата 2013 година.

Златна лопата за ктиторот 

Изгледа бизнисот со новогодишно украсување се исплати, па Ѓорѓи Вуков, сопственикот на фирмата „Линк медиа плус“, може да си дозволи да изгради и црква. Пред нешто повеќе од еден месец, во скопската населба Ченто, Вуков присуствуваше на поставување на камен-темелник на црквата „Света Лидија Македонска“, на која тој е ктитор. По завршувањето на церемонијата за осветување на камен-темелникот, која ја водеше поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, се одржа наддавање за лопати. Златната лопата за сума од пет илјади евра ја купи ктиторот на црквата, Ѓорѓи Вуков.

Отфрлено обвинението против Вуков 

Во 2008 година, финансиска полиција поднесе кривична пријава против сопственикот на „Линк медиа плус“ за затајаување данок, но по спроведената постапка, во чии рамки се барани повеќе вештачења, јавниот обвинител го повлекол обвинението.
– По поднесено обвинение против лицето за сторено кривично дело – даночно затајување, преземени се дејства во насока на утврдување на фактите и доказите во предметот. Надлежното обвинителство поднело обвинение, по што спроведена е постапка, во рамки на која се барани повеќе вештачења. Во текот на главниот претрес, произлезени се нови околности и докази од кои произлезе дека во дејствата на обвинетиот нема елементи на кривични дела кои се гонат по службена должност, поради што јавниот обвинител го повлекол обвинението – ни одговорија од Јавното обвинителство.

Според кривичната пријава од 2008 година, Вуков и неговата фирма „Линк медиа плус“ затајувале данок преку фирмата „Котин“, каде што тој лажно се претставувал како управител. Сите што требало да платат за услугите на „Линк“ биле препраќани да плаќаат на сметката на „Котин“. Истрагата на финансиската полиција утврдила дека по извршените трансакции, сопственикот на „Котин“, З.М., како единствено овластено лице, ги подигнувал парите од сметката и задржувал 4- 5 отсто од сумата за сторената услуга, а остатокот му го враќал на Вуков. На тој начин тој успеал да избегне плаќање персонален данок. Според полициските информации, сумата за која бил оштетен буџетот, односно сумата што нелегално завршила во џебот на Вуков, се проценува на околу еден милиони денари.

Но, и покрај тоа што во тој период против Вуков имаше кривична пријава, Министерството за внатрешни работи ја избра неговата фирма „Линк медиа плус“ како најповолен понудувач за набавка на панцири, маици со куси ракави за полицијата и ознаки за униформи. Од МВР кажаа дека ја избрале „Линк медиа плус“ на тендерите затоа што имале најевтини понуди и затоа што сè уште немало правосилна пресуда против сопственикот на фирмата.

Тендери, маици и жардиниери 

Наводнување жардиниери, изработка на репрезентативен новогодишен материјал и уште многу различни тендери добивала оваа фирма изминатите неколку години. Според податоците на Електронскиот систем за јавни набавки, фирмата „Линк медиа плус“ во 2013 година добила тендер од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство за изработка на контролни маркици – етикети. Истата година од Општина Карпош добила три тендери, од кои два за набавка на спортска опрема и на спортски маици, капи и на спортски гаќички и еден за промена на цветниот расад и хортикултурно доуредување на жардиниерите од двете страни на булеварот Партизански одреди’ (пролетно и есенско садење 2013). Истата година, склучен е и договор со МВР за набавка на маици со куси ракави. Оваа година Општина Карпош склучила уште еден договор со „Линк медиа плус“ за хортикултурно уредување на жардиниерите од двете страни на булеварот Партизански одреди, на потегот од мостот Обединети нации до улицата Франклин Рузвелт и на кружниот тек кај средното училиште „Георги Димитров“ (пролетно и есенско садење – 2014 година). Во 2013 година, Градот Скопје ѝ доделил тендер на „Линк медиа плус“ за набавка на репрезентативен новогодишен материјал. А минатата година фирмата склучила договор со Општина Карпош за одржување на системот за наводнување на жардиниерите од двете страни на булеварот Партизански одреди (2013 – 2014 година).

А.Д.Г.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Во деновите пред изборите ќе има редовна настава, информира МОН

Деновите пред гласањето на претстојните избори, 23 април и 7 мај, ќе бидат работни за сите училишта. Притоа, во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес, наставата ќе...