Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје соопшти дека линијата 15А која ја одржува, отсега ќе има нова траса. Наместо преку „Рекорд“, како досега, автобусите ќе сообраќаат преку булеварите „Крсте Мисирков“ и „Гоце Делчев“. Возниот ред ќе остане истиот.

Отсега 15А во правец од Ново Лисиче кон Карпош 4, по постојката кај Народна Банка наместо лево, како досега, ќе врти десно и ќе поминува покрај Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а потоа кај Судска палата ќе врти лево на семафорите кон мостот „Гоце Делчев“ и Владата и ќе продолжува по булеварот Илинден, а потоа преку улицата „Бледски договор“ ќе излегува на булеварот „Партизански одреди“ сè до крајната постојка „Карпош 4“.

Во спротивен правец, 15А од последната постојка ќе сообраќа по булеварот „Илинден“, потоа кај Владата продолжува по булеварот „Гоце Делчев“ а кај МАНУ ќе врти десно и потоа на раскрсницата кај Народна Банка ќе врти лево и продолжува на досегашната траса во правец на Транспортен центар и Ново Лисиче.

Изменетиот режим на 15А ќе важи 3 месеци, односно станува збор за пробен период.