Владата формирала специјална група за решавање на проблемот со токсичниот линдан на територијата на фабриката ОХИС, а процесот го води генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, информира владиниот портпарол Миле Бошњаковски во одговор на новинарско прашање од „Мета“. Покрај него вклучени се и министерот за животна средина Садула Дураки и министерот без ресор Аднан Ќахил, кој воедно е и дипломиран хемичар и поранешен вработен во фабриката.

Владата пред неколку дена на седница го одобри потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка претставувано од Амбасадата на Кралство Норвешка за Србија, Македонија и Црна Гора.

Меморандумот, како што вели Бошњаковски, ќе биде потпишан во текот на следната недела и значи дека процесот на соработка помеѓу овие неколку институции е на самиот почеток.

– Меморандумот создава рамка за соработка, со цел да се најдат решенија за еколошки жаришта и ублажување на ризиците кои истите жаришта ги претставуваат за територијата на Република Македонија. Успешната имплементација на Проектот има за цел создавањето на фонд, како систематски механизам за расчистување на индустрискиот токсичен отпад во поранешната фабрика ОХИС во согласност со Европските стандарди и промоцијата на Град Скопје како безбеден, отпорен и одржлив град – изјави Бошњаковски.

Ова за „Мета“ го потврдува и Сузана Андонова и од канцеларијата за ПОПс (Persistent organic pollutants) – неразградливи органски загадувачи Министерството за животна средина. Таа вели дека Меморандумот се однесува на мобилизирање на дополнителни средства за чистење на линданот од големата депонија во ОХИС, покрај малата која треба да почне да се деконтаминира следната година.

– Целта е да се најдат дополнителни средства за да може технологијата што ќе се одбере за малата депонија да продолжи со работа и на големата депонија без да има прекин во процесот – вели Андонова.

lindan skladiste

Се проценува дека на двете депонии во ОХИС има помеѓу 40 и 50 илјади тони контаминирана почва со линдан. Во март следната година, ќе се објави меѓународен повик за избор на технологија која ќе ја исчисти малата депонија каде што има 10 илјади тони контаминирана почва.

За прв пат во последните 12 години од кога се занимава со ова проблематика, Андонова вели дека наишла на слух од надлежните институции.

– За прв пат во моето искуство, од кога работиме на оваа проблематика повеќе од 10 години, наидовме на соговорник. Претходно се било многу формално, од тоа колку било примено како информација до тоа колку се сфатило како проблем. Министерот Андан Ќахил со кого имавме средби, ги разбира работите, има разбирање и слух за проблематикава – вели таа.

Лиданот е дел од групата на канцерогени супстанции ПОПс наведени во Стокхолмската конвенција која Македонија ја има потпишано во 2009 година. Специфичните ефекти од изложеност на овие супстанци може да вклучуваат рак, алергии и хиперсензитивност, оштетување на централниот и периферниот нервен систем, репродуктивни нарушувања и нарушување на имунолошкиот систем.