Линда Јакарино го замени Илон Маск на директорското место во Твитер

60-годишната Јакарино ќе ги надгледува деловните операции на социјалната мрежа која во моментов се бори за заработка

Photo by Joshua Hoehne on Unsplash

Новата шефица на проблематичната компанија за социјални медиуми Твитер, Линда Јакарино, започна да ја извршува својата функција неколку недели порано од очекуваното, пренесува Би-би-си.

Јакарино, која претходно била шефица на одделот за рекламирање во „NBCUniversal“ (Ен-би-си Јуниверзал), се приклучи кон платформата неколку дена откако Твитер ја загуби и Ела Ирвин, втората шефица за доверба и безбедност во компанијата која минатата недела поднела оставка.

Шефот за доверба и безбедност во Твитер е задолжен за модерирање на содржината на платформата, тема која е во центарот на вниманието на јавноста по преземањето на социјалната мрежа од страна на Маск.

Илон Маск на 12 мај рече дека неговата наследничка ќе започне да работи за шест недели, но новата шефица на компанијата започна порано со работа.

Јакарино во неделата на Твитер објави оти во социјалната мрежа го вработила и Џо Бенарох, поранешен потпретседател за комуникации, рекламирање и партнерства во „Ен-би-си Јуниверзал“, пишува Си-ен-ен.

Бенарох неколку години работел во „Мета“, компанијата зад Фејсбук и Инстаграм.

Милијардерот Маск и сопственик на Твитер минатата година изјави дека ќе поднесе оставка од функцијата извршен директор откако ќе најде „некој доволно глупав да ја преземе работата“.

Неговата најава уследи по анкетата на Твитер во која тој побара од луѓето да гласаат дали треба да поднесе оставка,  при што 57,5 отсто гласаа „Да“.

60-годишната Јакарино ќе ги надгледува деловните операции на социјалната мрежа која во моментов се бори за заработка.

Откако го купи Твитер, Маск отпушти 75 отсто од вработените, а на платформата престанаа да се рекламираат голем број големи огласувачи.

Њујорк Тајмс вчера објави дека приходите од рекламирање на Твитер во САД од 1 април до првата недела од мај се намалиле за 59 отсто на годишно ниво.

Само 43 отсто од компаниите што биле најдобрите 1.000 огласувачи на Твитер заклучно со септември минатата година, кога Маск ја презеде компанијата, продолжиле да се рекламираат на оваа платформа до април, објави Си-ен-ен повикувајќи се на податоци од пазарната разузнавачка компанија „Sensor Tower“ (Сензор Тауер).