Линда Јакарино е новата извршна директорка на Твитер

„Со нетрпение очекувам да работам со Линда за да ја трансформираме оваа платформа во ‘Х’, апликацијата сè“, напиша Маск на Твитер

фото: Brett Jordan на Unsplash

Шест месеци по контроверзното преземање на Твитер, Илон Маск ја именуваше новата извршна директорка на компанијата за социјални медиуми.

Милијардерот рече дека на ова место доаѓа Линда Јакарино, поранешна шефица за рекламирање во „NBCUniversal“ (Ен-би-си Јуниверзал). Јакарино со работа ќе започне за шест недели, а Маск и понатаму ќе остане вклучен како претседател и главен директор за технологија.

„Со нетрпение очекувам да работам со Линда за да ја трансформираме оваа платформа во ‘Х’, апликацијата сè“, напиша Маск на Твитер, потврдувајќи ја одлуката еден ден откако ги поттикна шпекулациите пишувајќи оти нашол нов шеф без да го открие нејзиниот идентитет.

Маск го купи Твитер за 44 милијарди долари и оттогаш е под притисок да најде свој заменик што ќе ја води компанијата, за тој да може да го пренасочи своето внимание на другите негови бизниси – меѓу кои и производителот на електрични автомобили „Тесла“ и ракетната компанија „Спејс Екс“.

Јакарино ќе стане редок пример на жена што се наоѓа на врвот на голема технолошка компанија. Жените сочинуваат помалку од 10 отсто од директорските места во технолошките гиганти кои се дел од најголемите 500 американски компании.

Би-би-си пишува дека Јакарино 15 години работела во „Тарнер Ентертејнмент“ пред да се приклучи во „Ен-би-си Јуниверзал“ каде надгледувала 2.000 вработени и била вклучена во лансирањето на стриминг услугата на оваа компанија. Нејзината работа е обележана со блиски соработки со големи брендови и наоѓање можности за пласман на производи.

Повеќе големи огласувачи престанаа да се рекламираат на Твитер откако Маск ја презеде компанијата.